Денеска го одбележуваме Меѓународниот ден на прегратката.
Тој се зародил во САД во 1986 година и за негов иницијатор се смета Кевин Заборни. Во Соединетите Американски Држави, денот е познат како Национален ден на прегрнувањето. Тој е признаен официјално од американското Биро за патенти и за трговски марки. Датумот 21 јануари не е случаен, туку е избран од пасторот Заборни, бидејќи се паѓа меѓу божиќните и новогодишните празници и Свети Валентин, кој се прославува на 14 февруари. Се проценува дека околу 21 јануари луѓето се чувствуваат исцрпени по божиќните празници и се уште не ја собрале потребната енергија за Денот на вљубените. Според Заборни на денешниот ден луѓето имаат потреба од прегратка од нивен близок или дури од непознат човек. Денот на прегратката се одбележува и во други земји како Германија, Велика Британија, Кина.
Научниците потсетуваат дека прегратките имаат позитивно влијание врз човековото здравје. Гушкањето, како и секој физички контакт меѓу луѓето се од суштинско значење за здравствениот, социјалниот, психичкиот и физичкиот развој на човекот. Тие помагаат и за зајакнување на имунолошкиот систем и го намалуваат нивото на хормонот на стресот кортизол кај жените, како и ризиците од кардиоваскуларни болести. Специјалистите докажаа дека паровите кои се прегрнуваат дури само за 20 секунди, имаат повисоки нивоа на окситоцин, хормонот на љубовта и на уживањето во сексот. Според американското психосоматско друштво, прегратката или 10-минутно држење за раце го намалува стресот и неговото негативно влијание врз организмот.
Луѓето кои не се допираат доволно често страдаат од висок крвен притисок и од аритмија, тврдат стручњаците. Некои експерти пак, сметаат дека најповолно влијание имаат прегратките на сексуалниот партнер, а не оние на обичните пријатели. Во 2004 година во САД е покрената и уште една иницијатива, поврзана со прегратките. Тоа е кампањата за слободни прегратки. Луѓето кои учествуваат во оваа иницијатива можат да прегрнуваат непознати по улицата. Оваа кампања за разлика од Денот на прегратката може да се спроведува во кое и да е време од годината.