Гугл го убива „Chromecast“ и го најави Google TV Streamer

Новиот Google TV Streamer, 4K уред за стриминг е уредот со кој Гугл ќе се натпреварува на пазарот за уреди за стриминг. Оваа елегантна кутија ги има сите карактеристики што би ги очекувале за 100 долари, со многу побрзи перформанси од Chromecast со Google TV.

Со најавата за Google TV Streamer, Гугл најавува дека веќе нема да го произведува Chromecast и дека ќе се продаваат додека траат залихите. Ваквиот чекор компанијата го оправдува со тоа што корисниците кои бараат уред за стриминг, дополнително врз веќе вградените можности во паметните телевизори, бараат многу повеќе од претходно.

За разлика од Chromecast со Google TV, новиот уред нема само да се приклучува во HDMI влезот позади телевизорот, туку ќе биде засебен уред кој ќе стои до вашиот телевизор.

Невпечатливиот дизајн значи дека ќе се вклопува покрај секој телевизор, а носи и неколку промени на подобро. На позадината конечно уредот добива Етернет влез за интернет, со што ќе се подобри конекцијата на интернет. Втората нова опција која се наоѓа на задната страна на уредот е копчето со кое што ќе може да го лоцирате далечинскиот управувач. Со едно притискање на ова копче, далечинското започнува да свири.

Промени има и во далечинскиот управувач, кој сега е малку подолг, бидејќи копчињата за звук се горе, наместо од страна како досега и има различна текстура на долниот дел, со цел помалку да се лизга. Корисниците исто така добиваат и едно копче кое ќе може да го програмираат како шт осакаат.

Според најавите, новиот уред ќе добие нов процесор кој е 22 отсто побрз од актуелниот Chromecast со Google TV, ќе има двојно повеќе РАМ (4ГБ наспроти сегашните 2) и четири пати повеќе меморија – 32 гигабајти, наспроти сегашните осум.

Новиот уред освен хардверски промени, ќе добие и софтеврски подобрувања поткрепени со генеративната вештачка интелигенција на Гугл, Гемини. Уредот ќе биде и место од каде што ќе може да се контолираат вашите Google Home уреди.

Цената по која може да го нарачате уредот е 99 долари, односно двојно повеќе од Chromecast уредот кој го заменува и според најавите ќе се продава без HDMI 2,1 кабелот, кој е неопходен за користење и ќе може да се нарача дополнително.

- Реклама -