Со 62 гласа „за“, без расправа, во отсуство на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, следејќи ја препораката на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања, вчера Собранието му го одзеде пратеничкиот имунитет на осудениот екс-премиер во бегство – Никола Груевски. Одземањето на имунитетот следуваше по барањето на судот за мерка притвор за шесте предмети на СЈО: „Титаник“, „ТНТ“, „Траекторија“, „Насилство во Општина Центар“ и за уште две истраги во кои Груевски е осомничен.
Во меѓувреме, Груевски останува со пратенички мандат, барем додека не поминат шест месеци негово неоправдано отсуство, кога истиот повторно ќе стане предмет на разгледување. Дотогаш платата на Груевски ќе се намалува за пет отсто со секои три отсуства од пленарните седници.