Дури и во случај сите обвинети да бидат ослободени, тој за сите предмети ќе добие максимална казна, уверен е азилантот Никола Груевски, кој вели дека ваквото тврдење – дека резултатот е однапред договорен, го темели на информација од извори од внатре.
„Еве ќе видите сега кога ќе завршат рочиштата. Во сите предмети ќе ме осудат со максимална затворска казна иако во ниту еден предмет нема ниту кривично дело, а како резултат на тоа ниту елементарен законски доказ. Ова не го претпоставувам, туку имам информација од извори од внатре. Дури и сите други обвинети во некој предмет да ги ослободат, мене ќе ме осудат со максимална казна затвор. Така е договорено. Барем засега“, вели Груевски во интервјуто за порталот „Република“.
Во интервјуто, тој го коментира и претепувањето на Ристовски и Јанакиески во затворот во Шутка, како и изјавата од управата на затворот.
„Загрижува делот од соопштението на затворот ‘Скопје’, во кое се вели дека ако немало ‘брза интервенцијата на чуварите’, инцидентот ќе завршел со многу потрагични последици. Што е потрагично од претепување и завршување во болница? Се знае: убиство“, коментира Груевски, кој е убеден дека него би го снашло не истото што ги снајде Ристовски и Јанакиески, туку оваа, полошата варијанта.