Груби веќе не се чувствува безбеден и користи обезбедување

Инцидентот од викендот со опожареното возило што тој го користел е резултат на строго политички мотиви, изјави првиот вицепремиер Артан Груби во гостување на вестите на „Канал 5“.

„Нема ништо криминално. Денеска слушнав и лидерот на опозицијата рече дека е криминална пресметка па очекувам институциите да го повикаат и да даде исказ од каде се тие наводи дека била криминална пресметка. Убеден сум дека има политичка позадина и е резултат на тригодишното вербално насилство кон мене и кон ДУИ“, рече Груби.

Истрагата, потенцираше, ќе ја остави на полицијата, а се надева дека набргу ќе се пронајде и тој што го нарачал и тој што го извршил палењето на возилото.

Во коментар на сомнежите за прикриен имот, Груби ги повика институциите да истражат каква било претпоставка за такво нешто.

„Апсолутно Аудито не е мое возило, ниту формално, ниту неформално, по никој основ, ниту сум платил некому за тоа возило, сум користел други возила за приватни цели. Минатата недела имав мала хируршка интервенција, тогаш го користев и го немав користено 10-ина дена. Лажни се снимките во јавноста за да се шират лажни вести“, рече Груби.

Тој рече дека веќе не се движи сам и користи обезбедување, за разлика од порано, бидејќи, како што потенцираше, насилната вербална агресија станува физичка агресија.

Извор: МИА

- Реклама -