Коалицијата на опозицијата за претстојните локални избори е многу несвојствена, оцени денеска првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците – Артан Груби, кој присуствуваше на означувањето на завршетокот на инвестицијата за реконструкција на пазарот Бит-пазар во Скопје, прашан каква кампања очекува од политичките противници.
„На социјалните мрежи ја нарекуваат коалиција 27. Тоа е коалиција на поделби а не на заедништво, коалиција на ‘Скопје 2014’ а не на едно цело и заедничко наше Скопје. Едвај чекам да го видам денот кога сите гласачи на Алијанса со цело свое срце, ентузијазам и љубов ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски и Христијан Мицкоски и обратно – сите патриоти на ВМРО-ДПМНЕ, сите кои влегоа на 27 април во Собранието и сите што го поддржуваат Скопје 2014, ќе гласаат со големо убедување и цело срце за Зијадин Села и Алијанса“, рече Груби, додавајќи дека едвај чека да дојде 17 октомври.
Груби, воедно, најави и дека претседателот на ДУИ – Али Ахмети, на утрешното Централно претседателство на партијата што ќе се одржи во Гостивар, ќе претстави 18 кандидати за градоначалници на претстојните локални избори.
„Сите имиња се проверени на бројни анкети што се спроведувани неколку месеци и ја имаат огромната поддршка од сите граѓани во нивните општини. Затоа се кандидати, затоа што ќе бидат и победници и затоа што граѓаните се задоволни од нивната работа. Очекуваме сите тие да бидат победници, повеќето во првиот круг, а многу малку во вториот круг“, рече Груби.
Тој очекува дека да бидат ретки ситуациите каде во една иста општина во втор круг би се натпреварувале кандидати од ДУИ и БЕСА. Во таков случај, граѓаните согласно нивните убедувања ќе одлучат за кого да го дадат својот глас, рече тој.