„Правиме напори да ги започнеме уставните измени и верувам дека ќе ја започнеме постапката во Собранието кон крајот на јули“, изјави првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби за „Студио 10“ на ТВ24.
„Во Собранието има 120 пратеници, не 80. Сметам дека сите тие, со исклучок на двајца пратеници, се за интегрирање на нашата земја во ЕУ, како што беа за во НАТО. Убеден сум дека ако се претстави добро оваа техничка измена во Уставот, би ја прифатиле и граѓаните, а не само пратениците. Ова се само технички амандмани за да го продолжиме европскиот пат на Македонија“, рече Груби.
Груби како особено важно го истакна кажаното од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата по лидерската средба со премиерот Димитар Ковачевски, што, според Груби, значело дека Мицкоски прифаќа уставни измени.
„Ќе се памти тој ден, не по тоа што ми е роденден, туку по изјавите на Мицкоски. Сакам јавно да му се заблагодарам за можноста што ни ја даде да продолжиме кон европскиот пат. Се покажа дека адресата не им е на друго место, туку во Брисел и Вашингтон. Тој не беше свесен дека го прифативме неговиот предизвик. Седми јуни ќе се памети дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ прифатија уставни измени, прифатија Бугарите да се вклучат во Преамбулата и Уставот, прифати да нема предвремени парламентарни избори и се надевам дека сме на нов терен. Охрабрувам да почнеме со постапката и да ги разгледаме предлозите на Работната група“, рече Груби.
Тој рече дека 7 јуни бил „клучен ден за одлуки“, алудирајќи на одлуката на ДУИ да прифати да излезе од влада.
„Нашиот став од 7 јуни е најдоброто нешто што сме можеле да го направиме. Ние ветивме европска интеграција. ДУИ е партија која ветува и остварува. Во насока на нашата партија, ние би се жртвувале, само Северна Македонија да влезе во Европска Унија. Небитна е власта. Меѓу ДУИ во опозиција или Македонија во ЕУ, ние ќе бираме Македонија во ЕУ. Немаме дилема за ставот. После сите кризи, ова е вистинскиот пат“, рече Груби.
За потсетување, на лидерската средба Ковачевски му понудил на Мицкоски влез во владата и половина од ресорите со кои раководи СДСМ да ги преземе ВМРО-ДПМНЕ. На прес-конференцијата, Мицкоски изјави дека одговорил дека ВМРО-ДПМНЕ ќе влезе во влада само ако ДУИ не е дел од неа, а уставни измени ќе поддржи само ако стапат на сила на денот на членство на Македонија во ЕУ. ДУИ, пак, експресно по прес-конфееренцијата прифати да не биде дел од владата, но само под услов уставните измени да се изгласаат и да почнат да важат веднаш (пред да биде формирана таа влада).
Извор: МИА