Грци масовно емигрираат во Австралија

По втората светска војна десетици илјади Грци ја напуштија својата татковина и пристигнаа во Австралија во потрага по подобар живот. Денес во Австралија повторно има многу Грци, кои бегаат од финансиската криза.

Одисеас Цибракос пристигнал во Мелбурн минатата година со двете деца. Пред Financial Times тој вели – Не сакаш да живееш некаде, каде што сите мислат дека нема иднина.

Откако започна светската финансиска криза во 2008 година во Австралија двојно државјанство добиле 10 000 Грци. Тоа е повратен тренд на оној од периодот 1990 – 2000 година, кога луѓето се враќале назад – кон Европа, бидејќи се сметало дека грчката економија доживува подем. Повеќето Грци повторно се сместуваат во Мелбурн, каде има огромна грчка дијаспора.

gr1(9)

Грчките емигранти во Мелбурн во 1948 година

„Секој ден добивам прашања од Грци за тоа како да дојдат тука”, вели Бил Папастергиадис, претседател на Грчката дијаспора во Мелбурн. Неодамна во градот ги отвориле вратите грчко училиште и две православни цркви. Локалната власт во Мелбурн и дала на грчката заедница 400 000 долари за да им помогне, бидејќи повеќето новодојденци не располагале со многу средства.

„Имав добра работа во приватен колеџ, но мојата плата се намали за 10% во текот на 6 месеци, поради кризата,” вели Цибракос кој дошол тука со студентска виза.  „Имаше верижна реакција, бидејќи родителите на децата во училиштето беа исто така со намалени плати. Тие не можеа да платат такси, училиштето не можеше да ни плаќа на нас. “

Други Грци се свртуваат кон Сиднеј, каде грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис бил универзитетски професор во 90-тите години. Илиас Чацилазару е еден од нив. Тој вели: „Ние емигрираме не толку поради економски причини, колку поради тоа што се прекршуваат законите, редот и има зголемен криминал.” Тој додава „Немаме верба во политичарите. Ниту на нашите ниту на ЕУ. “

Според него Европејците не сакаат да им помогнат на Грците и континентот е поделен меѓу богатите на север и сиромашните на југ. Сега Илиас е келнер во Hellenic Club во Сиднеј. Клубот е формиран уште во текот на првиот миграционен бран од 20-тите години. Тој се надева дека ќе заработува доволно за да праќа пари на семејството. Многу Грци успеваат да најдат добро платена работа во Австралија, каде што економијата се радува на период од 25 години пораст без рецесија.

- Реклама -