Грк доби улица во Белград – Кој е Јанис Јанулис?

По Тројната инвазија на Србија од страна на Централните сили во Првата светска војна, српската војска и прогонетите цивили започнале да се повлекуваат од Метохија кон Јадранското море, од каде со помош и со организиран транспорт и бродови на Сојузничките сили биле пренесувани до безбедни локации и прифатилишта на грчките острови во Јонското море, во Италија и во Северна Африка. Ова повлекување е наречено Албанска голгота (бидејќи се одвивало преку завеаните планини на Албанија и Црна Гора), а дел од српската војска, во јануари 1916 година, така стигнала и до грчкиот остров Крф.

Таму грчкиот селанец и земјоделец Јанис Јанулис на изнемоштените српски војници великодушно им ја отстапил својата земја за да подигнат воен логор каде ќе закрепнат од тешкотиите што ги преживеале во борбите и при повлекувањето. Војниците кои не издржале и починале од исцрпеност, исто така биле погребани на неговиот имот.

Гркот и тогаш нагласил, а неговите потомци и ден денес тоа го почитуваат, дека тој имот не смее да служи за ништо друго освен за потребните на српските војници и бегалци. Оттогаш, и Јанис и неговите наследници, од почит кон погребаните, веќе никогаш повторно таа земја не ја обработувале.

Години подоцна, со ексхумација, откриено е дека на неговиот имот во Крф коските ги оставиле 560 српски војници. Затоа Србите го сметаат Јанис Јанулис за голем српски добротвор, а во негова чест, денес во Белград доби и улица со неговото име. Од пред 4 години, неговото име го носи и улица во Ниш.

Споменик на Јанис Јанулис во дворот на црквата во Агиос Матеос на Крф, подигнат од извесен Пеѓа Поповиќ
- Реклама -