Во главниот град на Гренланд, Nuuk, целосно ќе биде забранета продажба на алкохол. Целта е да се заштитат децата од насилство додека трае карантинот против ширење на коронавирусот, соопштија властите на автономната данска арктичка територија.
„Во ваква ситуација, мораме да преземеме бројни мерки за да избегнеме зараза. Но во сржта на мојата одлука е заштитата на децата. Тие мора да имаат безбеден дом“, рече лидерот на владата Ким Килсен.
Откако Гренланд ги затвори училиштата во понеделникот, со 10 дијагностицирани случаи на коронавирус, забележан е пораст во домашното насилство.
„За жал, во Нуук, домашното насилство е во пораст во последниве недели“, рече министерката за здравство Марта Абелсен за локалните медиуми. Прекумерното пиење алкохол од страна на родителите ги изложува децата на опасност во домот, предупреди таа.
Забраната за продажба на алкохол беше воведена во саботата, а ќе трае најмалку до 15 април. Забранети се и собири од повеќе од 10 луѓе, а укинат е и воздушниот сообраќај со цел да се спречи ширење на вирусот.
Освен заштита на децата, властите сметаат и дека рестрикцијата на алкохол ќе помогне и во борбата против Ковид-19:
„Луѓето се помалку свесни за опасностите од заразата кога пијат алкохол“, се вели во соопштението.