Мигранти од бегалските кампови и прифатните центри од внатрешноста на Турција биле префрлени на турското крајбрежје со цел да се упатат на грчките острови, а не е исклучена можноста дел од нив да се заразени со Ковид-19, пишуваат медиумите во Грција, повикувајќи се на извори од грчките власти.
Информацијата доцна синоќа ја објавија онлајн изданието на весникот „Катимерини“ со наслов „Мигранти со коронавирус испраќа Анкара во Грција“, додека пак електронското издание на „То вима“ објаснува дека „според воени извори особено веројатно е овие луѓе да се заразени со Ковид-19“, но веста е пренесена и од другите медиуми во Грција, како и од телевизиите, јави дописничката на МИА од Атина.
-Надлежни извори споменуваат дека многу од овие беа во Пазаркуле кај Еврос и процените се дека Турција има организиран план да пренесе мигранти со коронавирус во Грција и Европа во време на пандемија. Движењата на мигрантите од внатрешноста кон крајбрежјето на Мала Азија се изведуваат во апсолутен ред, под координација на турската полиција, пишува „Катимерини“.
-Атина внимателно ги следи координираните префрлања на мигранти од различни кампови од внатрешноста на Турција кон крајбрежјето на Мала Азија и спроти грчките острови, а според она што воени извори го споменаа во изминатите часови, особено веројатно е овие луѓе да се заразени со Ковид-19. Загриженоста на Атина, како што потврдија и извори од Министерството за надворешни работи е дека можеби Анкара се стреми одново да изврши притисок кон Грција и Европа, пишува „То вима“.
Невладината организација „Josoor International Solidarity“ на нивниот официјален Фејсбук профил, вчера објави видео и информација дека полицијата на турскиот брег донела 250 бегалци од кампот во близина на Измир и им препорачала да купат чамци и да го преминат морето кон Европа.
Алтернативниот министер за миграција и азил на Грција, Јоргос Кумуцакос говорејќи утрово за грчката телевизија „Мега“, рече дека „како што не успеаја обидите за притисок на Турција врз Грција кај Еврос, така неуспешни ќе бидат и во Егејското море“.
Грчките медиуми, паралелно, објавуваат дека во текот на вчерашниот ден, како и утрово, регистрирани се прелети на турски воени авиони на територијата на Грција.
А1ОН