„Градски импресии“ – изложба на акварели на Елизабета Костова

Изложба на акварели „Градски импресии“ на авторката Елизабета Костова ќе биде отворена вечерва во 20 часот во КСП Центар Јадро во Скопје. На изложбата Костова се претставува со 30-ина акварели насликани последните две години, кои што претставуваат нејзини импресии и впечатоци од градовите во кои престојувала, ги посетила или живеела. Голема инспирација и се старите македонски градови или делови од нив. Тесни улички, ниски куќи на приземје и кат, тесно збиени една до друга и со надвиснати еркери над улиците. Оџаци од кои се извива сивиот дим. Насликани се со прекрасни палети од бои, сина, зелена, лилава, жолта… црвени кровови и секако пространото сино небо над нив, кое се гледа и од уличките. И овде белите полиња на подлогата помеѓу топлите бои даваат посебна светлина. Од овие акварели зрачи и светлина и радост, пишува архитектот Натка Ќосева.

– Акварелните решенија на Елизабета Костова претставуваат витални и флуидни репрезентации кои осцилираат помеѓу реалното и фантастичното. Во нив се остварува прониклив дијалог меѓу виденото и споменот од чија интеракција произлегува специфичниот колорит осветлен од меморијата. Низ оваа прошетка во урбаната средина формирана од колоритни фрагменти си спомнуваме за периоди од нашето животно патешествие. Тоа се впечатоци кои не водат низ енигмата на сеќавањата, нивната веродостојност, одржливост и променливост предизвикани од временските интервали на субјективното поимање. Но, во подемот на вештачката интелигенција и наметливата информатичката презаситеност до кој степен опстанува памтењето за светот како лично искуство? Дали тоа сè почесто се истиснува и заменува со видувањата на колективната свест создадена на социјалните мрежи? Напорот кој го прави Елизабета е да ја зачува сликата на едно секојдневие кое додека се виртуализира сè помалку ни припаѓа лично и ги губи контурите на нешто допирливо и човечно – вели Васко Ѓоргиев од Друштвото на ликовни уметници на Битола.

Eлизабета Костова е родена 1953 година во Скопје. Основно и средно образование завршила во Скопје. Дипломирала на Филозофскиот факултет во Љубљана, отсекпсихологија. Реализирала повеќе самостојни изложби во Дом на АРМ, Скопје (1989 и 1991 г.), Галерија на ДЛУМ, Скопје (2002 г.), во Домот на култура Иван Мазов – Климе, Кавадарци (2020 г.), како и во Галерија КО-РА, Скопје (2019, 2020 и 2023 г.) Исто така учествувала на и на повеќе групни изложби.

- Реклама -