Градоначалникот на Гази Баба оздраве и ја напушти Инфективна, на докторите им се заблагодари со мала донација

По два негативни теста на коронавирус, градоначалникот на Гази Баба – Борче Георгиевски, денеска ја напушти Инфективната клиника во Скопје.

Во објава на Фејсбук, Георгиевски информираше дека продолжува на домашно лекување и упати пофалби за персоналот на Инфективна за нивната огромна пожртвуваност и храброст, соопштувајќи дека во знак на благодарност ѝ испратил мала донација на клиниката:

„Драги пријатели, сакам да ве известам дека по извршени два негативни тестови ја напуштив Клиниката за инфективни болести и од денеска сум дома и продолжувам со домашно лекување.

Упатувам голема благодарност до целиот медицински тим на Клиниката, за нивната огромна пожртвуваност и храброст да помогнат на секој пациент кој се бори со ковид-19. Од моја страна, како знак на благодарност за херојството и поддршка за целокупниот медицинскиот персонал, денес донирав 10 навлажнувачи за кислород и 1 дигитален апарат за мерење на крвен притисок за Клиниката за инфективни болести.

Ви благодарам на целата ваша поддршка која ми ја давате овие недели.

Ве молам чувајте се сите, почитувајте ги здравствените препораки и носете заштитна опрема“, напиша Георгиевски.

- Реклама -