Управата на градче во Њу Џерси размислува на радикален чекор во превенцијата од поплава: подигнување на целата област за околу 3 метри. Срцето на иронично нареченото градче Хајлендс („висока земја“) лежи во полукружна вдлабнатина што некогаш била бара, што го прави подложно на поплави. Така, официјалните лица сакаат да го подигнат секој изграден објект и да го пополнат просторот под него со земја – процес што би ги пратил жителите во привремени кампови на отприлика 30-тина дена. Проектот е проценет на 200 милиони долари, а би се одвивал под капата на армискиот корпус.
На критичарите не им е јасно зошто Хајлендс би ги добил парите, покрај сите други крајбрежни градови. „Тоа е многу скапа опција“, вели едно од лицата задолжени да го разгледаат предлогот. Челникот на Комисијата за околина во Хајлендс , пак, смета дека со комбинација на федерално, државно и приватно финансирање, проектот има големи шанси да се реализира. Тој го наметнува предлогот веќе неколку години, дури и пред да се случи ураганот „Сенди“, кој уништи 80 проценти од домовите. „Во тоа време, изгледаше како да сакаме да искористиме чекан од 1 тон за да заковаме шајка. Сега, веќе не изгледа толку непропорционално.“ – објаснува тој.