Граѓаните да не ги оштетуваат спомениците, апелира Град Скопје. Во тоа градот ќе им помогне со засилен надзор и инспекциски контроли на спомениците, што е резултат на, како што велат, зачестената појава на оштетување.
Ваквата најава од Град Скопје доаѓа откако синоќа по помалку од 24 часа од поставувањето беа искршени, па и украдени, таблите со дообјаснување за „хеленската“ историска припадност на спомениците на Александар Велики, Филип Втори и Олимпија.
За вчерашните демолирања на таблите засега сè уште нема казни, бидејќи сторителите засега остануваат непознати за надлежните власти. Во меѓувреме, Градот Скопје, како надлежен за поставување и одржување на хеленските ознаки на спомениците во централното градско подрачје, најави дека ќе ги санира штетите на спомениците и одново ќе постави табли онаму каде што се отстранети.