Град Скопје: Ја поздравуваме разумноста на премиерот, но нека ги вразуми советниците за да ги изгласаат проектите

Раководството во Град Скопје изрази и подготвеност за учество и формирање посебно работно и координативно тело со Владата со цел, како што се наведува, скопјани да добијат град каков што заедно во 2021 година ветија градоначалничката Данела Арсовска и актуелниот премиер Христијан Мицкоски

Откако премиерот Христијан Мицкоски одлучи да ѝ даде „разумен рок на градоначалничката Данела Арсовска за Градот Скопје да почне со решавање на проблемите“, оттаму преку писмено соопштение ја поздравија, како што велат, разумноста на премиерот за која се надеваат оти е искрена и со цел одблокирање на процесите во Градот.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, и премиерот Христијан Мицкоски / Фото: Архива

Раководството во Град Скопје изрази и подготвеност за учество и формирање посебно работно и координативно тело со Владата со цел, како што се наведува, скопјани да добијат град каков што заедно во 2021 година ветија градоначалничката Данела Арсовска и актуелниот премиер Христијан Мицкоски.

Сепак, од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска апелираат премиерот да ги вразуми советниците од редовите на својата партија кои се мнозинство во Советот за, како што велат, да ги изгласаат програмата за работа на Комунална хигиена и планот за набавка на нови екоавтобуси.

„За првпат во Градот Скопје по 30 години ‘Комунална хигиена’ нема програма за ангажирање на сезонски работници кои се задолжени за одржување на градската хигиена и чистота на градот само поради инаетот на советниците од мнозинството. Апелираме Мицкоски да ги вразуми советниците да го изгласаат и планот за набавка на нови еколошки автобуси“,

наведуваат од Град Скопје во писменото соопштение.

Оттаму апелираат и премиерот, за кој велат дека освоил апсолутна власт во државата, да ги одблокира претпријатијата за кои од Градот оценуваат оти биле блокирани од членовите на Управните одбори кои доаѓаат од редовите на партијата на Мицкоски.

Реакцијата на Град Скопје следува откако претходно денеска премиерот Христијан Мицкоски реши да ѝ даде, како што рече, разумен рок на градоначалничката Данела Арсовска за да почне да си ја работи работата и покрај едногласното барање на скопските градоначалници Владата да му ги одземе ингеренциите на Град Скопје во претпријатијата „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ поради еколошкиот градски колапс.

- Реклама -