Имињата на 485 улици во градот ќе бидат тема на расправа на претстојната седница на Советот на Град Скопје. Како што информираат од таму, најголем дел од овие улици досега биле именувани со број или биле именувани како краци на други поголеми улици. По усвојувањето на оваа одлука од Советот, овие улици ќе добијат нови имиња.
Новите имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти ќе се црпат од Регистарот на имиња кој неодамна беше дополнет со листа од нови 570 имиња, по претходно добиена согласност од Владата на РСМ.
Најголем дел од предлозите за нови имиња на улиците се предлози со кои ќе се именуваат краците на улиците Тодор Чангов, Ѓорѓи Капчев, Христо Татарчев, Бутелска, Скупи, Јуриј Гагарин, Козле, Алексо Демниевски и други. Речиси четвртина од предлозите за нови имиња се предлози со кои ќе се заменат имињата кои претходно биле нумерирани со број.
Со оваа одлука ќе бидат вратени и дел од старите имиња на улиците кои беа променети во текот на 2012 година спротивно на волјата на граѓаните кои живеат на тие улици, велат од Градот. Со тоа, се враќаат имињата на улиците Ленинова, Железничка, Мексичка, Каирска, Стив Наумов, Салвадор Аљенде, 4 Јули, 29 Ноември, Бихаќка, Владимир Комаров, Руди Чајавец, Жарко Зрењанин, Драчевска, Ратко Митровиќ и други.
Од Градот информираат и дека Мостот Тодор Александров (популарно наречен мост Близнак) ќе биде преименуван во Мост Накие Бајрам и Роса Плавева, мостот Слобода (кај Холидеј Ин) ќе се вика мост Вера Ацева, а новиот мост на бул. АСНОМ ќе се вика Генерал Михајло Апостолски.
Улицата пред Градскиот стадион ќе се вика Столтенбергова, според угледниот норвешки дипломат и висок функционер на Обединетите нации – Торвалд Столтенберг, кој даде голем придонес во обновата на градот по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.
Ново име ќе добие и булеварот ВМРО и ќе се вика Блаже Конески, улицата Стив Наумов (поранешна Ленинградска) ќе се вика Славко Јаневски, улицата Адолф Циборовски ќе се вика Горан Стефановски, а улицата 1523 во Кисела Вода ќе се вика Благоја Георгиевски – Буштур.
Пешачкиот мост кај зградата на Владата ќе го добие името по неодамна починатиот заменик-градоначалник на Скопје, Енвер Малиќи.
Како што велат од Град Скопје, при изборот на нови имиња кои градоначалникот Петре Шилегов ќе ги предложи до Советот, земени се во предвид етничките, културни и социјални специфики на локалното население кое живее на тие улици. Така, новиот булевар кој е предвидено да биде изграден од Скопската обиколница до бул. Словенија, а поминува низ Визбегово, ќе се вика Хасан Приштина. Во таа насока во редот на новите имиња на улици ќе се најдат и Беким Фехмиу, Ибрахим Ругова, Адем Демачи и Мајка Тереза.
Сите имиња на улици кои ќе бидат сменети од овие причини, ќе бидат повторно искористени на начин што по нивните патрони ќе бидат именувани други улици во градот каде што повеќе одговараат на локалните специфики на населението, додаваат од Град Скопје.
Целосната листа на предложени имиња, погледнете ја ТУКА.