Чистење на диви депонии, уредување на речни корита, изградба на пешачки патеки, мостови прилагодени за лица со посебни потреби…Ова се дел од активностите кои се предвидени во проектот „Зелени мостови, посветла иднина“ кој заеднички го спроведуваат општините Гостивар и Витина, Косово, а има за цел унапредување на животната средина и подигнување на квалитетот на живот на населението.
Денес во рамки на проектот Гостивар беше домаќин на промотивно-координативен состанок.
„Во склоп на овој проект има многу активности, меѓу кои и делот на инвестиции за инфраструктурно уредување, подобрување на условите, подигнување на еколошката свест и други кои се поврзани со животната средина. Целта е да придонесе за намалување на загадувањето и зголемување на квалитетот на животот на граѓаните“, рече Валбон Лимани, в.д. градоначалник на Гостивар.
Проектот им вкупна финансиска рамка од 1 милион евра, од кои 70% се обезбедени од ЕУ од инструментот за прекугранична соработка ИПА II.
На денешниот настан присуствуваа претставници од Делегацијата на ЕУ, локалните и регионалните власти и граѓански и приватен сектор од двете општини. Пред нив беа презентирани конкретните активности и цели на проектот.