Вечната војна меѓу пешкирџиите и самопрогласените газди на плажите продолжува. Ќе да има нешто до Балканот ака. менталитетот на локалните „ендемски видови“ на угостители кои мислат дека поставувањето на неколку фабрички произведени пластични лежалки автоматски ги прави создатели на плажата. Демек без нив ќе го немало ни песокот, ни морето.
Последната битка се случува во Селца кај Цриквеница, Хрватска. Напнатиов чичко, ословен во нашиов наслов како Господарот на плажите – опис со кој сакаме да ги опфатиме и другите слични нему, без да има концесија на плажата поставил лежалки, па сега ги брка тие што си седнале олдскул, со чадори и пешкири. Дури и да има концесија, според законот (барем хрватскиот) тој не смее да поставува празни лежалки што зафаќаат простор, т.е. мора да им остави предност на пешкирџиите.
Не само што тој закон чичково не го почитува, туку и им се заканува на луѓево дека насилно ќе ги избрка од плажата која „тој ја направил“. Заедно со видеото, во редакцијата на Индекс.хр пристигнале и други сведоштва од плажата, според кои чичково си има ставено и ограда, редовно се расправа и заканува, а и им ги фрла пешкирите на овие што не сакаат да користат и да му платат лежалка. Што веројатно значи дека на видеово му претходеле и други инциденти.
Ако се суди по поплаките од локалните туристи, вакви глетки се чести на плажите низ Хрватска.