Градоначалниците на општините Ресен од македонска и Преспа од грчка страна – Живко Гошаревски и Панајотис Паскалидис, денеска имаа состанок со цел техничко усогласување на катастарските координати за отворање на граничнот премин „Маркова Нога“.
Техничките лица од двете држави одблиску, од терен, ги запознаа градоначалниците и со другите активности околу отворањето на овој граничен премин, што е од големо значење за регионот.
„Очекувам после средбата да се изработат плановите од двете страни и да се почне со активностите за отворање на ‘Маркова Нога’ што побрзо. Оптимизам и желба за отворање во најбрз временски период има и од македонска и од грчка страна“, истакна Гошаревски.
Отворањето на овој граничен премин, како што истакна тој, ќе значи голем потенцијал за дополнителен туризам, трговија, комуникација и заеднички проекти меѓу двете општини, како и подобрување на условите за живот на населението.