Горивата од ноќеска на полноќ поскапуваат за еден до два денари по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,52 отсто.
Согласно одлуката на РКЕ, малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за 1,5 денари за литар, цената на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 за еден денар, а на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за два денара за литар.
Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 е 86,5 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе се продава за 88,5, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 78, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 77 денари за литар.
Со одлуката на РКЕ за 0,286 денари за килограм се намалува малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 45,173 денари.
Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 2,184 отсто, кај дизелот за 3,802, кај екстра лесното масло за 4,795 отсто, додека кај мазутот има намалување во просек за околу 1,242 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,382 отсто.