Летото во 2007-ма, беа убиени две групи на планински горили, една по друга. Прво беа убиени две женки; малото на едната беше оставено живо и подоцна најдено како уште се обидува да цица од мртвата дојка на мајка му. Малку подоцна беа убиени уште три женки и еден „силвербек“ (машко горила со грб со сребрена боја). Беа застрелани, запалени, и – чуден потег за ловокрадци – оставени сосема нечепнати, без да бидат земени делови од телата за продажба на црниот пазар.
Од друга страна, убијците веројатно не беа ловокрадци. Брент Стиртон – фотографот кој ги направи славните слики од погребот на втората група убиени горили, подоцна излезе во јавноста со став дека мајмуните веројатно биле убиени за да се испрати порака. А во Вирунга – најстариот национален парк во Африка, каде конзервационистите, вооружените војски, ловокрадците и индустријалистите веќе долго се во суров конфликт, тоа е токму таков вид на порака каква што понекогаш се праќа.
Протегајќи се на повеќе од 7770 квадратни километри, покрај северо-источната граница на Демократска република Конго, Вирунга е дом на нафтени резерви што Британците сакаат да ги искористат, шуми што криумчарите и трговците на дрвен јаглен сакаат да ги експлоатираат, животни што ловокрадците сакаат да ги убијат, и е стратешко упориште на конзервационистите кои сакаат да ја заштитат животната околина и да го запрат сето наведено. Кога овде ќе се додадат и долготрајните регионални воени конфликти помеѓу разни завојувани групи, лесно е да се види зошто истражувачот и кореспондент на National Geographic – Џастин Хал, ја споредува разурнувачката моќ на овие сили со таа на вулканите што го шараат теренот. Така фатени во вкрстен оган, и фигуративно, и буквално – во паркот живеат 480 планински горили.
Во случајот од 2007-ма, веројатно убијците беа шверцерите на јаглен, кои им испраќаа порака на конзервационистите кои сакаат да ги држат настрана од шумата и да ја зачуваат за горилите. Денес, напорите на овие вторите по сé изгледа се исплатат – иако 480 е мала бројка кога ќе се земе во предвид дека овие животни живеат само на четири места на планетата, популацијата на горили во Вирунга порасна за речиси 50% од времето на крвавиот масакр во 2007-ма. Всушност, тоталната популација на планински горили е зголемена во сите четири локации, од помалку од 700, на 880. Сепак, растот е најголем во Вирунга.
За жал, конзервационистите, вооружените групи, ловокрадците и индустријалистите уште ги мерат силите, а битката за Вирунга и нејзините ресурси продолжува. Кога Џастин Хал, за потребите на National Geographic Channel’s Explorer: Battle for Virunga, лично отиде во паркот за да ја истражува состојбата, не само што се вклучи во битката, туку се замеша и во двете спротивставени страни, поминувајќи време и со конзервационистите, и со милициите (вооружените цивили) кои работат против нив.
Лесно е да се биде наклонет на заштитниците на шумата и ренџерите на националниот парк, но треба да се разбере и дека милициите и ловокрадците од другата страна се очајни луѓе кои едноставно немаат други опции.
„Оддалеку, лесно е да се гледаат принципите на заштитата и да се рече дека мораме да ги браниме“, вели Хал. „Но конзервацијата е луксуз што можат да си го дозволат само луѓето имаат избор“. А луѓето од милицијата со која Хал се зближи, локално позната како Маи-Маи, со сигурност немаат друг избор.
Веќе преку 20 години, ДР Конго и соседните земји околу Вирунга влетуваат во низа од граѓански војни. Во овие војни има 6 милиони загинати, и тоа без да се бројат многуте жртви на гладот и болестите што се резултат на истите, или што и онака владеат во Конго.
Токму од оваа „брутално комплексна историја“, како што ја нарекува Хал, се изродени членовите на Маи-Маи. „Тие се многу лути, многу огорчени, многу збунети и многу осамени… Не им останува ништо друго освен самите себе“.
Но сепак, можеби Маи-Маи има нешто што им останува: природните ресурси.
И покрај тоа што половина од населението на ДР Конго живее со плата под 1.25 долари дневно, и 4 милиони луѓе живеат во сиромаштија само во околината на Вирунга, земјата е една од најбогатите нации на Земјата, во смисла на плодна почва, изобилство од материјали и многу вода. Сепак, стремежот за зачувување на овие ресурси го спречи пристапот до нив, правејќи го илегален – и со тоа ги остави луѓето да живеат во сиромаштија.
Со зборовите на National Geographic, „За четирите милиони очајно сиромашни жители во и околу Вирунга, границите на паркот се јасна дистинкција, а заштитата е само уште еден механизам на богатите и моќните да го земат најдоброто за себе“.
Дали тоа значи дека вооружени мажи треба да масакрираат горили за да им испратат порака на конзервационистите? Не, но како што вели Хал, „Не треба да се случи настан како масакрот за ние да обрнеме внимание“. А иако масакрот од 2007 им донесе многу внимание на планинските горили, малку од тоа внимание беше посветено за очајната состојба на луѓето околу Вирунга.
Но не е сé така црно. Покрај успехот на ренџерите од паркот и скокот во популацијата на мајмуните, Вирунга започна масивен и многу амбициозен хидроелектричен проект вреден 166 милиони долари, кој има за цел да овозможи електрична енергија за четвртина од регионот. Проектот има рок од 5 години за да биде реализиран, а би требало да креира 100.000 работни места. Многу веруваат дека оваа инвестиција може да е токму лекот што ќе донесе доволно пари и стабилност во регионот, и со што речиси комлетно ќе се запре битката за Вирунга (шверцери секогаш ќе има).
„Никогаш не помислував дека индустриски пејзаж може да биде така голема инспирација“, вели Хал. „На иднината можам да гледам единствено со надеж“. А Хал најде надеж и кај луѓето од Вирунга, кои продолжуваат да ги плаќаат декадите на цивилни војни, глад и болести. Но уште повеќе, Хал кај нив гледа издржливост и отпорност. Тоа се случи и кај горилите, со популациониот скок од масакрот во 2007.
„Издржливоста е различна од надежта. Издржливоста – тоа е она нешто што сјае и преку сите пречки“.