Ѓоргиев: За македонската страна останува неприфатливо барањето Гоце Делчев да биде Бугарин

На 15 и 16 октомври бугарските историчари од заедничката Комисија со Бугарија доаѓаат во Скопје за да продолжи потрагата по решенија за историските прашања што ги оптоваруваат односите меѓу двете земји, почнувајќи од Гоце Делчев. Сепак, нивното барање Гоце Делчев да биде запишан како Бугарин и натаму останува неприфатливо за македонската страна, истакнува во интервју за „Телма“ Драги Ѓоргиев – копретседавач на македонскиот дел од комисијата.

Ѓоргиев истакнува дека според европската пракса, ваквите конфликтни ситуации секогаш се решаваат со дијалог и македонската страна ќе продолжи да води дијалог за прашањето со Гоце Делчев. Но, потенцира тој, дијалогот треба да оди во насока на барање на решенија прифатливи за двете страни:

„Прифатливо решение значи во кое ќе нема победник, односно, двете страни ќе бидат задоволни од решението. Прифаќањето на еднострано решение за Гоце Делчев – дали тој да биде Бугарин или Македонец, не е решение во овој спор“, вели Ѓоргиев.

Како што истакнува во интервјуто, тој останува на заложбата за принципот на „мултиперспективност“ – односно решение што значи подеднакво земање во предвид на двете перцепции за одреден настан или личност:

„Тие две перцепции се рамноправни кога се претставуваат пред јавноста, видувањето на настанот или личноста на едната страна и видувањето на настанот или личноста на другата страна – како гледаат двете страни на тој настан. И таа еднаква перцепција кон одредено недоразбирање, за одредена личност или настан, мислам дека во овој момент е решение да се надмине спорот со Гоце Делчев“, истакнува Ѓоргиев, кој потврдува дека оваа варијанта ѝ била предложена на бугарската страна во октомври, но таа го одбила.

Според него, факт е дека за Македонија и Македонците Гоце Делчев е македонски револуционер, а за Бугарија и Бугарите – бугарски. Токму поради тоа мултиперспективноста е единствено реално решение во моментов:

„Двете општества не се спремни за поинакво решение. Било кое друго решение нема да биде прифатено од соодветното општество“, оценува претседателот на македонскиот дел од Комисијата, кој оценува дека е погрешен пристапот на бугарската страна да одбива да се разговара за други прашања сѐ додека не се најде решение за прашањето со Гоце Делчев. Оставањето на ова прашање да отстои извесен период, а да се премине на други, според него, може само да помогне во изнаоѓањето на решение.

Во интервјуто, Ѓоргиев се осврна и на меморандумот од Бугарија до ЕУ во кој се тврди, практично, дека македонската нација е продукт на етнички инженеринг:

„Нациите не се создаваат со декрет, ниту нациите може да ги создаде едно лице, едно тело со одлука. Создавањето на нациите е долготраен и многу сложен и комплексен процес. И ооттука, тврдењето дека македонската нација е создадена со декрет во 1944 година нема асполутно никаква научна основа“, вели тој.

Како што објаснува, процесот на создавањето на современата македонска нација започнал во втората половина на 19 век и ги поминал сите фази кои ги поминувале и другите балкански нации во нашето соседство.

„Нашиот пат апсолутно не е поразличен од патот на другите нации“, категоричен е Ѓоргиев. „И затоа да се тврди дека ние сме нација создадена преку ноќ, од ништо, според мене не е научно“, додава.

Во интервјуто, тој порача и дека ревизија на историјата апсолутно не може да се прави со политички притисоци и ненаучни аргументи, како и дека ревизија на историјата не е целта на заедничката Комисија со Бугарија. Ревизија на одредени историски моменти, вели, може да се прави само доколку имате нови релевантни документи и аргументи, зашто во таков случај навистина би била потребна.

- Реклама -