Ѓорге Иванов ќе пензионерува во Џевахир Скај Сити

Во недела, по 10 години во претседателската вила на Водно, претседателот Ѓорге Иванов ќе го заврши својот мандат и ќе се пресели во нов дом. Каде ќе живее по свеченото примопредавање на вилата на новиот претседател Стево Пендаровски, од кабинетот на Иванов не откриваат.

Сепак, извесно е дека Иванов, кој има 59 години, одлучил да не се враќа на работа на позиција професор на Правниот факултет при УКИМ, туку да замине во пензија користејќи ги привилегиите кои по закон му следуваат како на поранешен претседател, доживотно.

Па така, Иванов ќе ја чини државата вкупно околу 165.000 евра годишно, има право на тројца соработници, личен возач, обезбедување и пензија од 91 илјада денари. Пензијата се одредува според коефициент од 4.5 на просечната плата во земјата, а не смее да биде повисока од платата на актуелниот претседател.

Иванов веќе избрал и свои канцеларии, за кои е известена и Службата за општи и заеднички работи. Се работи за канцеларии во една од висококатниците во „Џевахир Скај Сити“ во населбата Аеродром, на 22. и 38. кат во една од кулите. Канцеларијата на поранешниот претседател располага со буџет во износ од 8% од буџетот на кабинетот на актуелниот претседател.

Изборот на локацијата за канцеларијиите на Иванов, се чини, не е случајна. Иванов во 2012 година, заедно со поранешниот претседател на Турција, беше кум на свадбата на Есер Џевахир – син на сопственикот на „Џевахир“, на кого државата ќе му плаќа закуп за канцеларијата.

 

- Реклама -