Горештините го пратија Ирак на колективен годишен одмор

Државните службеници во Ирак од денес се на задолжителен колективен годишен одмор. Причината е жешкиот бран и температурите што надминуваат 50 степени Целзиусови, соопшти ирачката влада.

Наредбата е издадена синоќа од кабинетот на ирачкиот премиер, и е првото предупредување на високите температури издадено годинава. Според метеоролошката служба, денес температурата достигнала 50 степени. Најтопли градови во јули, со 52 степени, беа Басра и Мајсан. Минатото лето најтопол беше Багдад – со измерени 51 степен, и Басра – со 53 Целзиусови.

За разлика од другите земји во регионот, Ирак нема туристички дестинации на кои луѓето ќе можат да избегаат од горештините. Мнозинството Ирачани, бидејќи немаат средства да одат на одмор во некоја од соседните држави, остануваат со малку опции. Една од кои е заминување на северот на земјата, каде постои курдска самоуправа. Другите опции се капење во реки и канали за наводнување, или висење по климатизирани трговски центри.

 

- Реклама -