Google Street View доаѓа во Македонија?

Според Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, кој деновиве зборуваше за својата средба со  Google, гигантот, или поточно неговата услуга за виртуални прошетки Google Street View планира да ги фотографира познатите туристички места во Македонија.

„За нас посетата на Google  беше значајна. Google  е се поприсутна во југоисточна Европа. Ние на време направивме една одлична средба на која разговаравме за голем број на проекти. Меѓу другото, најзначајно за нашите граѓани е тоа што Google ќе испрати свое возило со кое ќе направи снимки на градот Скопје и позначајните туристички места во Република Македонија за нивната платформа „Google street view“. Тоа значи каде што ќе можат сите туристи, сите граѓани на светот кои се приклучени на интернетот на Google и ќе пребаруваат „Скопје“, „Охрид“ и актуелни туристички места, ќе може да ги видат како изгледаат тродимензионално, онака како што е реално. Следната недела доаѓаат претставници на Google за да можеме да ги видиме сите значајни локации.“

Министерот исто така истакна дека ќе се измапираат уличките од цела Република Македонија, за туристите кои ја користат мапата на Google, додавајќи дека мапирањето може да го прави секој граѓанин, бидејќи е од отворена платформа.

Дали и кога сето ова ќе стана реалност, остануваме да почекаме за да видиме.

Текстот е објавен во соработка со Socialnet.mk

- Реклама -