Дури и голманите можат да играат како напаѓачи. Тоа и официјално се случи синоќа на првиот осминафинален куп натпревар со Еуромилк (2:0) на арената „Филип Втори“.
Со оглед дека замената се случи во последните моменти од средбата, прашање кое предизвикува дилема е дали тренерот Благоја Милевски сакаше да задржи дел од времето, дали сакаше да го засили можеби нападот со голманските способности на Захов или пак да го понижи противникот Еуромилк, кој е спонзориран од поранешниот спонзор на Вардар, Слободан Вујчиќ – Брацо?!
Одговорот го знае единствено тренерот Милевски, кој оваа сезона е дебитант на клупата на „Црвено-црните“, па иако засега му оди одлично и се наоѓа на првата позиција, вакви екскурзии се чини дека не му се потребни. Сепак, се работи за најтрофејниот македонски клуб Вардар и за официјален куп натпревар.
Ниту големиот број повредени фудбалери што го скусија изборот на резервни фудбалери не може да биде оправдание, затоа што едноставно тренерот Милевски не мораше да изврши три замени. Но, само тој знае зошто се реши на еден ваков потег.