Варна се бори со последиците на најтешкото невреме во последните децении, во кое што загинаа 14 луѓе, а други се уште се водат како исчезнати, поради што се очекува растење на бројката.
Поради невремето во четвртокот вечерта мораше да биде затворено и пристаништето во Варна, најважното во земјата. Од летувалиштето Албена беа евакуирани 1200 туристи од Германија, Русија, Велика Британија и други земји со камиони и хеликоптери, откако еден хотел беше поплавен.
Роднини на четиричлено македонско семејство од Скопје, кое за време на поплавите престојувало во Варна, синоќа побарале помош од МНР и од македонската амбасада во Бугарија за нивните блиски кои „останале заглавени во Варна“. Амбасадата во координација со Министерството за надворешни работи им дале инструкции како да постапуваат. Од МНР информираат дека засега тоа се единствените граѓани од Македонија кои се обратиле за помош по поплавите што ја зафатија Бугарија. Нема информации дали семејството таму било на одмор, освен дека сите членови се чувствуваат добро.
Прмиерот Груевски уште синоќа ја понуди помош за настраданите подрачја во Бугарија. Некои градоначлници најавија дека нивните општини се подготвени да испратат помош, но одговорот за тоа – што е потребно, го чекаат од бугарската амбасада во земјава.