По 13 месеци преживеани на отворено море, 37-годишен рибар од Ел Салвадор заврши на островот Ебон, еден од Маршалските Острови. Се претставува како Хозе Салвадор Алваренга и тврди дека успеал да остане жив ловејќи риба со голи раце и пиејќи крв од птици, патувајќи илјадници милји носен од морските струи.
Како што самиот раскажува, тој тргнал во лов на ајкули на 21-ви декември, 2012-тата, но експедицијата завршила несреќно, така што бродот останал без струја. Поради тоа бил натсилен од бурата, а Алваренга и неговиот партнер завршиле на отворено море во водите на Пацификот.
Локалната канцеларија за цивилна одбрана има информации дека мал рибарски брод исчезнал во бура во наведениот период, иако тие наведуваат дека се работи за 17-ти декември, 4 дена порано од датумот што Алваренга го наведува како критичен.
Според приказната на рибарот, неговиот партнер Езекиел починал по еден месец од несреќата, бидејќи одбивал да јаде. Од друга страна, Алваренга јадел сирова риба, птици, птичја крв, школки и желки. На крајот, чамецот завршил на речиси 10.000 километри од Коста Азул, Мексико – местото од каде што испловил.
Властите се скептични, особено поради тоа што Алваренга не изгледа изгорен од сонцето и психичкото здравје му е во добра состојба. Амбасадорот во Маџуро, главен град на Маршалските Острови, по разговорот со рибарот, вели „Тешко ми е да замислам дека некој преживеал 13 месеци на отворено море. Уште потешко ми е да замислам како некој може да стигне до Ебон, како гром од ведро небо“.
Сепак, доста аргументи ја потврдуваат неговата сторија. Бродот, меѓу другото, е во лоша состојба и прекриен со алги, а на него е најден и мал син контејнер кој Алваренга го користел за засолниште од сонцето. Дури и Маршалските Острови се логична дестинација во однос на траекторијата по која се движел, според експертите.