Глупата идеја што ги создаде нинџа желките

Не можам да ги најдам за да ви покажам слика, ама искрено ве жалам ако сте немале од оние наједноставните гумени нинџа желки играчки со постолје, еднобојни и веројатно со потекло од Кина, кои ги имаше на секоја втора тезга по сите пазари во Скопјево (барем). Ви текнува де, оние кои беа толку пацерски направени што често им штрчеше вишок гума/пластика од рацете и оружјата, кои обично ги кратевме со ножички, слично како што ги сечевме постолјата (што јас тогаш мислев дека се скироли) со грицкалици, за поголем реализам, нели. Леонардо стоеше со мечот над главата како да се брани, Донатело со стапот како да е Мојсеј и како да ќе го дели морето, Рафаело со вилушката како да е Кипот на слободата, а Микеланџело во некоја глупа поза што правеше никој да не сака да игра со него. Е, овие играчки ми се голем спомен од детството. Со братучед ми имавме по неколку сетови дупликати што ќе ги распостелевме по цел двор, тоа ни беше град. Копавме подземни живеалишта во бавчата, им правевме куќи од картони, кутии од видео касети и слично, а коритото среде дворот ни беше градскиот базен… Туку да не забегувам, друго ми беше муабетот.

Како всушност настанаа нинџа желките?

leo

Еден ноември во 1983-та година, двајца пријатели и стрип-цртачи – Кевин Истман и Питер Леирд, седеа во нивното Mirage студио во Довер, Њу Хемпшир, за да работат на најновиот број на нивниот стрип Fugitold. Во мал изблик на несериозна инспирација, Истман нашкраба нешто што го нарече „нинџа желка“ – опремена со нунчаки и маска – и му го покажа цртежот на Леирд, кој пак фати да нацрта подобра. Тоа резултираше со уште неколку цртежи на желки со поизразени черупки и поопасен изглед. Во уметничкото мерење на ташаци, ниту еден од нив не сакаше да попушти. „Морав да го надминам неговиот цртеж, па нацртав четири желки што стоеја во драматична поза. Цртежот беше со молив, а Питер го обои, и додаде ‘teenage mutant’ пред делот ‘ninja turtle’“.

И ете, легендата се роди, иако ниту Истман ниту Леирд не сметаа дека направиле нешто посебно сериозно. „Само се зезавме, да бидам искрен“, вели Истман. „Мислевме дека тоа е најглупавата идеја што сме ја имале“.

kevin-eastman[1]
Кевин Истман

Арно ама, како што знае секој што барем еднаш бил во кино на блокбастер филм, глупите идеи наоѓаат своја публика во речиси било кое поле и да се наоѓаат, под услов да бидат добро презентирани. Од таа причина, стрип-дуото почнало посериозно да размислува за своите нови ликови, а кога ja завршиле приказната за Fugitold, илустраторите продолжиле со Teenage Mutant Ninja Turtles, чие издавање беше финансирано со голем заем од вујкото на Истман, но и со неколку идеи „позајмени“ од идеите на другите стрипови – имено, според Истман, земени се елементи од Cerebus, Ronan и Daredevil.

Наскоро се случи и првото деби на рептилските херои. На првата прес-конференција, нивните авантури беа претставени како „авантурите на четири желки-тинејџери кои се обучени во борбената вештина на нинџите – тајните воини на феудална Јапонија“. Првото издание излезе на 1-ви мај 1984-та и чинеше долар и пол.

***

Леирд и Истман велат дека токму приказната на Daredevil е таа што навистина го обликуваше наративот на Желките. Во таа приказна, протагонистот Мат Мурдок е ослепен откако ќе биде удрен со канистер полн со радиоактивен изотоп. Во приказната на Истман и Леирд, канистерот исто така удира и во случаен минувач кои ги носи своите миленици – четири желки бебиња. Желките, заедно со канистерот, паѓаат во канализацијата под улицата, каде ќе ги најде стаорецот по име Сплинтер, кој некогаш порано бил милениче на сега (тогаш) починатиот нинџа-воин – Хамато Јоши, а кој Леирд го опишува како пандан на споредниот карактер од Daredevil – Stick. Stick e нинџа учителот што ќе го научи Мат Мурдок на сé што му е потребно за да се бори против криминалот.

daredevil[1]

Следејќи ги чекорите на Daredevil – во кој Мурдок се бори со „Раката“ (The Hand) – желките мутанти ќе бидат вмешани во конфликт со никој друг, туку со самите „Стапало“ (The Foot) – група нинџи водени од „Шредер“ (Shredder) или како што ни е познат од МТВ – „Секачот“, кој всушност е нинџата што го убива сопственикот на Stick во Daredevil – Yoshi. Од каде името Шредер? Од обично ренде, кое според Истман може да послужи како „потенцијално опасно оружје ако се најде во рацете на погрешна личност“. Што се однесува до имињата на нинџа желките, доволно е да се погледне било кој историски учебник, особено ако е по историја на уметноста.

Декади подоцна, „глупавата идеја“ на Леирд и Истман стигна во мултимилионската индустрија: Во 2014-та, филмот Teenage Mutant Ninja Turtles заработи преку 190 милиони долари, само во САД – износ кој изразен во моменталната доларска вредност би бил еднаков на повеќе од 41 милион продадени копии од првиот стрип.tmnt

На што се должи успехот на Леирд и Истман? „Мислам дека смисливме нешто што луѓето во тоа време сакаа да го видат. Или тоа, или имаме многу повеќе среќа отколку што мислиме дека имаме“.

- Реклама -