Во потег без преседан, луѓето од организацијата на Олимписките игри во Лондон најавија дека користењето погрешни брендови може да предизвика исфрлање од стадионите и покрај тоа што сте платиле билет.
Иако претходно ги негираше сите гласини на оваа тема, директорот на Игрите, Себастијан Коу, на прашањето дали на некој што носи маичка Пепси ќе му биде дозволено да влезе на олимписките боишта, кусо одговори – не.
„Веројатно нема да можете да влезете со маичка Пепси, бидејќи Кока-кола ни се спонзори и тие имаат инвестирано милиони фунти во овој проект, но и милиони фунти во поединечните спортови. Важно е да се заштитат тие спонзори“ изјави Коу.
Лудилото не завршува тука. Редарите на спортските настани имаат право да ве избркаат доколку носите погрешен бренд облека, полицајците добиле инструкции пијалаците и храната да ги носат во обични, проѕирни садови, за да не се наруши некое спонзорство со пакувањето, а неодамна, беа направени и потези за да се поправат претходните прекршувања на корпорациските договори.
Имено, логото на Најк на Олд Трафорд било прекриено во пресрет на натпреварите на Велика Британија, а секој стадион што има лого различно од Адидас на седиштата ќе мора да претрпи привремено „бришење“. Дополнително, им се забрани користење на олимпиското лого на оние што не платиле за него, па така на менаџер на кафуле во Лондон му било наредено да ги тргне изложените кифли во форма на олимписките кругови, а еден месар од Вејмут, Дорсет, западнал во неволји кога наредил колбаси во пет кругови. [London Olympics: Lord Coe’s astonishing sponsors outburst ]