Ретко кој воопшто чул за градот, ама Нејпидо (Naypyidaw) е главен град на Мјанмар (порано Бурма) уште од пред 10 години, кога властите соопштија дека ќе го преместат главниот град од Јангон (Рангун) во Нејпидо, и тоа со малку објаснување. Оттогаш, иако е изграден специјално за таа прилика, и за да биде 120 пати поголем од њујоршки Менхетн (6 пати поголем од Њујорк) и дом на најмалку милион жители, Нејпидо практично е град на духови.
Изграден главно за владините работници, претежно со станбени блокови со четирикатници, локалците доаѓаат да живеат во градот само ако мораат.
Во тоа дека некој таму живее тешко ќе се убедите ако ги набљудувате стриктно огромните автопати. Изградени се со план по нив да се движат владини делегации и службени џипови, па имаат дури и до 20 ленти. Некои извори велат мега-автопатите исто така биле дизајнирани и за да служат како писти, главно за воените авиони.
Официјалните податоци на државата велат дека во Нејпидо живеат нешто над 924.000 жители. Колку и да фотографирате, таков впечаток нема да добиете.
Улиците се празни, а луѓе ќе видите тек-тук, некој случаен пешак или некој што си ја брка работата со велосипед. Така е во било кој дел од денот – во Нејпидо нема „rush hour“.
Изградбата на Нејпидо почна во 2002-та, а за локација беше избрана точка среде џунглата, каде луѓе немаа живеено во последните 2.000 години.
Да, некои владини работници се преселија во новиот главен град во 2005-тата, но нивните семејства не дојдоа со нив – во Нејпидо нема училишта, а нема ни многу други погодности што треба да ги има еден град.
Иронично, Нејпидо е поделен во различни зони: владините министерства се далеку од армиските објекти и области, има посебна трговска зона со шопинг центри и бутици, а има и цела хотелска зона, и покрај тоа што не само градот, туку целиот регион е крајно сиромашен со туристи.
Станбените области, пак, се внимателно организирани во блокови од по 1.200 четирикатни згради. Крововите на зградите се обоени според тоа што работат работниците што живеат во нив. Иако становите се доделени од владата, многу од владините работници преферираат да живеат во своите трошни куќи на некоја подобра локација, макар тоа било и во Јангон, од каде патуваат секој ден за да стигнат на работа.
Од аспект на рекреативни активности, не е без ич. Нејпидо ја има прекрасната пагода Uppatansanti – која по големина и форма е слична на познатата Shwedagon во Јангон, а има и неколку паркови и градини, вклучително и комплекс од водни фонтани во кој секоја вечер има лајт-шоу.
Како и да е, нема многу луѓе за да уживаат во глетката. Ниту странците, ниту инвеститорите пројавуваат желбата да го посетат Нејпидо, особено што туристичките агенти предупредуваат дека областа знае да биде и „опасна“.
Празнотијата на Нејпидо ги плаши луѓето генерално, па и тие што се принудени да го посетуваат, обично гледаат да се изгубат од таму додека е уште ден.
Владата на Мјанмар, пак, оддели речиси 5 акри земја за странски амбасади и штабови за мисиите на Обединетите нации. Но спротивно од очекувањата, досега во Нејпидо се пресели само една – таа на Бангладеш.