Глас за Македонија најостро реагира за најавените измените во Законот за јавна администрација, во кој власта најавува скратено работно време за целата администрација во петок, каде се бара кратење на работното време на 4 часа.
„Ова е сериозен предизборен поткуп, со кој им се дава до знаење на гласачите: ‘Ако на изборите гласате за нас, ќе работите помалку по изборите’ “, оценуваат од партијата.
„Тоа е истата јавна администрација која не го понесува товарот на епидемијата. Напротив, него го понесуваат занаетчиите, угостителите, туристичките оператори, малите семејни фирми и целиот приватен сектор.
Тоа е администрацијата која од околу 135.000 вработени, токму оваа власт ја зголеми на фантастични, речиси 200.000 лица. Како што чувме и видовме, полно од нив седат дома и земаат плати. По кажување на вработените, само околу 10-15% вистински работат. Тоа граѓаните добро го чувствуваат со крајно лошите сервиси. Тоа е социјалната држава на СДС каде популизмот царува, а оние кои работат пропаѓаат. Само во последната година и половина згаснаа над 12.000 приватни фирми“, се вели во реакцијата.
Од Глас за Македонија додаваат дека во развиените земји работното време секогаш е многу чувствително прашање и за било какви промени има сериозни дебати, економски анализи, преговори со синдикати, неретко и штрајкови.
„А кај нас Владата без да праша никого, решила на најлесен начин да собира гласачи“, велат тие, повикувајќи ја Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) сериозно да се позанимава со овој „предизборен поткуп“, бидејќи, како што велат, „ова е класичен пример за мега-поткуп, поткуп со кој се купуваат гласовите на илјадници вработени“.