Новак Ѓоковиќ во голем стил заврши со професионалните обврски за 2012 година, откако се закити со трофејот на АТП шампионатот во Лондон и се зацврсти на првото место на ранг-листата на најдобри светски тенисери.
Јасно е дека на Србинот сега ќе му биде неопходен одмор за да ги наполни батериите пред предизвиците што ќе го очекуваат во 2013 година, а Ѓоковиќ планира следниот период да го мине во Рио де Жанеиро.
„Од претходно се имам договорено да бидам специјален гостин на ревијалниот натпревар против Густаво Куертен. Овој меч ќе се игра во Рио де Жанеиро, а нешто подоцна ќе настапам и на фудбалскиот натпревар со легендите на „Кариоките“, Зико, Кафу и Бебето. Тоа е настан што со нетрпение го очекувам, бидејќи сум голем фудбалски фан. Не се снаоѓам најдобро со топка во нозете, но во секој случај ќе ми биде чест да се најдам на теренот заедно со легендите на бразилскиот национален тим“ истакна Ѓоковиќ.
Се очекува Србинот да биде во Рио де Жанеиро од 16 до 18 ноември, а потоа да замине на годишен одмор на непозната локација, за да може да се оттргне од очите на јавноста и целосно да се опушти во друштво на своите најблиски.