Првиот руски ланец маркети кој на западноевропскиот пазар вратите ги отвори пред само неколку дена, веќе ја имаше својата прва пауза. Маркетите беа приморани да ги затворат вратите, макар на само два дена, за да ги дополнат залихите, бидејќи, како што соопштија, целата роба е распродадена.
Рускиот ланец Torgservis беше отворен минатата недела, на 30 јануари, а првиот маркет го отвори во Лајпциг, под името „Mere“. Главниот адут на нивните маркети се цените, кои се далеку пониски и од тие на најголемите германски дисконти како Lidl, Aldi, Norma и други, кои и самите важат за многу евтини. На пример, половина килограм мелено месо во маринада од лук спремно за печење во Mere чини само 99 центи, литар полномасно млеко чини 0.5 евра, а свежи свински шницли со ознака „Б квалитет“ чинат 2.70 евра.
„Почитувани купувачи, поради многу големата потрошувачка нашата продавница ќе биде затворена на 4. и 5. февруари 2019. Реагиравме многу брзо, но моравме да затвориме бидејќи и на нашите добавувачи им е потребно некое време да ги наполнат полиците. Со најниски цени за вас повторно сме отворени на 6. февруари од 9 часот“, гласело известувањето на кое наишле потрошувачите изминативе два дена.
Дел од германските медиуми изразија загриженост дека можеби продавницата е затворена поради некои производи кои можеби не ја задоволувале минималната безбедност и квалитет на производите пропишани со строгите закони во ЕУ. Од рускиот ланец експресно демантираа, тврдејќи дека сите производи ги задоволуваат строгите стандарди на ЕУ. Како што објаснуваат од компанијата, најголем дел од производите, освен од Германија, доаѓаат од двете соседни држави членки на ЕУ – Полска и Чешка. Во тие држави, велат, цената на работната сила и суровините е далеку пониска отколку во Германија, па оттаму и многу пониската цена на производите.
Torgservis планира во Германија да отвори уште стотина маркети.