Германско дуално високо образование – предизвици и придобивки за Македонија

Факултетот Хајделберг во Скопје со својот претставник Добринка Демјански, Директор за развој и продажба, учествуваше на дебатна емисија каде што се разговараше за дуалното образование, со кои предизвици се соочува Македонија при воведување на дуалното образование наспроти кои се придобивките за бизнис секторот и за студентите коишто ќе се одлучат за дуално образование. Исто така се разговараше за тоа како и колку Министерството за образование и наука на Македонија учествува во внесот на дуалното образование во македонскиот образовен систем.

Дуалното образование го премостува јазот помеѓу академското знаење и практичните вештини, преку единствен пристап кој комбинира теоретско учење со практично работно искуство.

 Предизвици со кои се соочува имплементацијата на дуалното високо образование во Македонија

Во последнава деценија високото образование во нашата земја се соочува со многу предизвици и за жал не ги задоволува потребите на студентите, родителите и пазарот на труд. Ова нужно налага промени кои според многу експерти се неминовни. Анализирајќи ги меѓународните искуства, системот на дуално образование многу ветува.

Дуалното образование во Македонија добива на популарност и може да биде надеж за македонската економија.

Еден од предизвиците би била трансформација во образовните процеси и воведување на промени во традиционалните образовни методи, со што ќе се намали недостигот на квалификувани кадри, а со тоа и невработеноста и иселувањето на  младите од државата.

Придобивките за македонскиот бизнис сектор од дуалното образование

Бизнис секторот има голема корист од дуалниот систем на образование затоа што на тој начин се градат таленти, се намалуваат трошоците и за студентите и за бизнис секторот, а се зголемува продуктивноста и задржувањето на вработените. Бизнис секторот преку моделот за дуално образование заедно со факултетот учествува во креирањето и развојот на наставните програми, земајќи ги во предвид најновите индустриски технологии и практики при што директно ги користи нивните потреби за прилагодување кон актуелните промени.

Оваа соработка не само што му користи на бизнис секторот, туку придонесува и за конкурентноста на државата во регионот и пошироко преку создавање на квалификувана работна сила која ги задоволува сегашните и идните барања на пазарот.

Придобивки за студентите што ќе се одлучат да студираат дуално образование

Дуалното образование има многу предности за студентите:

  • професионална квалификација – по успешно завршено образование, студентите добиваат германска и македонска диплома и искуство со професионална квалификација;
  • вработување во областа што ја студирал студентот – дуалното образование им овозможува на студентите подобри шанси за вработување, бидејќи ги подготвува за конкретни работни позиции;
  • практични вештини – студентите добиваат практично искуство во компаниите, што ги подготвува за реалните предизвици на пазарот на трудот.

Имплементација на дуалното образование во Македонија

 Во Хајделберг Факултетот во Скопје принципот на дуално образование се воведува во македонскиот систем со германска поддршка и соработка со  Универзитетот Хајделберг и Факултетот Провадис од Франкфурт, Германија, а има за крајна цел да обезбеди квалификувани кадри уште во текот на образовниот процес. За успешно воведување на дуалното образование во Македонија, Хајделберг Факултетот во Скопје вклучува проценка на локалните потреби, односно разгледување на специфичните вештини и компетенции што ги бара македонската економија како и анализа на клучните индустрии и сектори кои ја движат економијата и идентификување на вештините коишто недостасуваат на тековната работна сила. Исто така се приспособува наставната програма којашто е прилагодена да одговори на барањата на локалниот пазар, како и да остане релевантна за тековните потреби на индустријата, но и флексибилна за да овозможи брзи ажурирања и промени како одговор на новите технологии и деловни практики.

Хајделберг Факултетот во Скопје е во постојан контакт со македонските компании за да ги информира за предностите на дуалното образование. Исто така обезбедува и финансиска поддршка заедно со поддршката на компаниите. Покрај стипендиите што ги обезбедува Хајделберг Факултетот во Скопје, заедно со дуалните партнери овозможува финансирање за школарината од страна на компанијата домаќин на студентот или месечна плата за работната пракса на студентот.

Поддршка на министерката за Образование и наука Весна Јаневска во проширување на концептот на дуално образование и негово системско уредување

Министерката за образование и наука Весна Јаневска на средбата со Стопанската комора на Република Македонија, го поддржа концептот за проширување на дуалното образование и негово системско уредување преку Закон за стручно образование и обука, како и негова примена и во високото образование.

И двете страни се согласија и изјавија дека бизнис заедницата е важен фактор во механизмот за синхронизирање на образовниот систем со пазарот на труд со заедничка цел и интерес за намалување на невработеноста во државата и раст на економијата. Ниту институциите, ниту пак бизнисот не може да напредува ако се делува индивидуално, без добро планиран заеднички пристап, затоа од исклучително значење е соработката со приватниот сектор во креирањето на образовни програми кои одговараат на потребите на пазарот на труд.

Исто така, делегација од Хајделберг и Франкфурт и претставници од Хајделберг Факултетот во Скопје остварија заедничка средба со Министерката за образование и наука Весна Јаневска, каде што претставници од факултетот имаа излагање за успешноста на германскиот високообразовен дуален модел. Министерката за образование и наука искажа силна поддршка на ваквиот концепт, како и можност, во иднина да се имплементираат реформи во образовниот систем и реформи во финансискиот сектор, а во функција на поддршка на компаниите за интерес во дуалното високо образование.

Дуалното образование е концепт којшто треба да го прифатат државата, студентите и бизнис секторот. Ова се само дел од предностите, затоа што дуалното образование веќе долги години е успешен модел во развиените економии како Германија, Швајцарија и Австрија. Со воведување на дуалното високо образовние ќе се намали иселувањето на младите од државата, а ќе се започне со квалитетно образование и креирање на спремен и квалификуван кадар.

 

 

Извор