Германските социјалдемократи апелираат Заев да размисли за оставката и да остане премер, немаат разбирање за Бугарија

Нилс Шмид – надворешнополитичкиот гласноговорник на пратеничката група на германските социјалдемократи во Бундестагот, апелира до премиерот Зоран Заев да размисли за повлекување на оставката на премиерската функција, додека на партиско ниво очекува да продолжи блиската соработка меѓу двете партии и со евентуалниот нов лидер.

„И покрај направените компромиси, во прв ред промената на името на земјата, тој не успеа, не по негова вина, да направи значителен напредок кон процесот на проширување на ЕУ. Јас лично посакувам Зоран уште еднаш да размисли за својата одлука и барем да остане на функцијата премиер и партнер“, истакна Шмид, пренесува „Дојче веле“.

Според него, оставката на Заев ќе има реперкусии и врз процесот на проширувањето на ЕУ во регионот.

Запрашан дали и ЕУ и одредени земји-членки на Унијата сносат одговорност за закочената европска интеграција на земјата и оставката на Заев, Шмид во тој контекст издвојува две.

„Секоја земја има свои легитимни внатрешнополитички проблеми. Но се надевам дека француската политика, по претседателските избори следната година, ќе се врати на ветувањата кои им ги дадовме на земјите од Западниот Балкан. Но, притоа немам никакво разбирање кога една земја како Бугарија, од националистички мотиви веќе две години го блокира почетокот на пристапните преговори со ЕУ. Со тоа си дадоа автогол. Тоа е фатален сигнал за кредибилитетот на ЕУ во регионот. Зоран Заев го стави своето политичко делување во служба на приближувањето кон ЕУ. Тоа не беше соодветно наградено од сите. Затоа тие не можат да се ослободат од одговорност. Притоа, во иднина ќе биде многу потешко да се постигне решение со преговори“, вели Шмид.

Оставката на премиерот Заев, оценува Шмид во интервјуто за партиското гласило на германските социјалдемократи, е лоша вест и за реформските напори во земјава, но и за иднината на целиот европски проект.

На федералните избори што се одржаа на 26 септември во Германија, со тесно водство победија Социјалдемократите (СПД), сестринска партија на СДСМ. Во тек се преговорите за формирање коалиција помеѓу СПД, Зелените и слободните демократи (ФДП). Доколку преговорите бидат успешни, новиот германски канцелар ќе стане кандидатот на социјалдемократите Олаф Шолц. Очекувањата се дека пред Божиќ ќе се формира нова влада.

- Реклама -