Германски пратеник ја обвини Меркел дека го одолговлекува датумот за РСМ за да може „Нова демократија“ долгорочно да нè блокира

Денеска германскиот парламент го ратификуваше Протоколот за членство на Македонија во НАТО. Сепак, во Бундестагот се водеше жестока расправа, особено по прашањето на ЕУ интеграцијата на Северна Македонија.

Највпечатливо, барем за нас овде, беше излагањето на пратеникот од редовите на опозициските Зелени – Јирген Тритин, кој посочи дека тенденциозно се одолговлекува одлуката за претпристапните преговори на земјава со Европската Унија во германскиот Бундестаг.

Тој подвлече дека од референдумското прашање на референдумот од 30 септември 2018-та, јасно се гледа дека земјава со Преспанскиот договор очекувала не само членство во НАТО, туку и да стане дел од европското семејство.

„Погледнете уште еднаш што всушност беше во фокусот на гласањето во парламентот и на консултативниот референдум (во Северна Македонија). Желбата на граѓаните не беше само да влезат во НАТО, желбата беше да станат и дел од заедничка Европа. Затоа беше содржано и прашањето за перспективата за членство во Европската унија“, истакна Тритин.

Тој го истакна и фактот дека земјава доби соодветна (безусловна) препорака во извештајот на Европската комисија, како и дека потенцијалната одлука можела да се донесе веќе во јуни на Советот за општи работи на ЕУ.

„И кој нема да даде согласност на таа седница на Советот? Сојузната (германската влада). А знаете ли зошто? Министерството за надворешни работи сакаше, но кабинетот на канцеларката Меркел забрани испраќање на соодветниот предлог заради тоа што и за ова прашање големата коалиција е комплетно поделена и не може да се договори“, рече Тритин.

Тој изрази сериозен сомнеж дека блокадата на Бундестагот (досега) да одлучи за ова прашање, Меркел и мнозинството од нејзината партија ЦДУ-ЦСУ ја правеле тенденциозно, со цел да падне владата на Ципрас и на власт да дојде грчката опозициска и, според него, националистичка Нова демократија (сестринска партија на ЦДУ-ЦСУ), која потоа долгорочно би го попречувала европскиот пат на Северна Македонија.

„Тоа не смее да биде така. Тоа би значело дека НАТО, покрај воен, не е сојуз на вредности, туку е нешто како сурогат за Европјани од втор ред (кој испраќа порака): Во војската може да учествувате, но во заедничка еколошка и политичка Европа ќе си останете граѓани од втор ред“, заклучи Тритин, што беше поздравено со аплауз од поголем дел од останатите пратеници во Бундестагот. Колегите од „360 степени“ го преведоа цврстото излагање на Тритин. Погледнете го ТУКА.

- Реклама -