Германски истражувачи: Маските на отворено немаат смисла, инфекциите речиси без исклучок се случуваат во затворени простории

За разлика од пренесувањето на вирусот во затворени простории преку капки (од кашлање, кивање и сл.) и аеросоли, другите начини на заразување – како на пример преку допирање на контаминирани површини или на отворен простор, имаат многу помала улога во процесот на инфекција, порачуваат водечки истражувачи на аеросоли од Германија, кои во писмо до сојузната и покраинските влади реагираат што наодите од нивните истражувања не се преточени во пракса, во смисла на тоа мерките да се фокусираат на ширењето во затворен простор, а не на отворено.

Германските научници потенцираат дека инфекциите на отворено се исклучително ретки, до таа мера што нивниот удел во вкупниот број на инфекции се мери во промили. Оттаму, забраните за шетање во природа, седење во пивски градини, трчање или возење велосипед се повеќе од симболична природа, но се и контрапродуктивни, а ограничените ресурси не треба да се трошат на вакви мерки, туку на превенција на ширење на вирусот во затворени простории (преку проветрување, филтрирање на воздухот, носење ефикасни маски и скратување на престојот во просторијата), односно на создавање на услови слични како на оние на отворено, сметаат научниците, пренесува „Дојче веле“. Дополнително, на отворено нема заразување на големи групи луѓе, т.н. кластери, какви што се забележуваат во затворени простории, на пример во домовите за стари лица, училиштата, хорските проби или патувањата со автобус, додаваат тие во писмото.

Писмото следува како одговор на, според германските медиуми, намерата на германската сојузна влада за воведување на полициски час.

„Со тоа не се спречуваат тајните средби во затворени простории, туку само се зголемува мотивацијата уште повеќе да се прекршуваат одредбите на властите. Да носите маска во пешачка зона, а веднаш потоа да седнете на кафе со некого во вашата дневна соба без маска, не е она што ние како експерти го подразбираме под превенција на инфекција“, велат истражувачите во писмото. Повеќе прочитајте ТУКА.

 

- Реклама -