Проблемот со интернет и друштвените мрежи не е во тоа што секој може да си каже мислење, колку што е во тоа што некои мислења човек едноставно не може да ги игнорира и да не се изнервира и да не ја изгуби и таа малку верба во човештвото. Во Германија деновиве, такво е мислењето на 38-годишната Верена Брауншвајгер и нејзината книга-манифест, насловена „Нераѓање наместо бездетност“ (Kinderfrei statt kinderlos).
Брауншвајгер, поаѓајќи од проблемот со пренаселеноста на планетата, кон решението пристапува чисто математички (читај: површно) и сосема самоуверено прогласува дека „нови деца не се потребни“, бидејќи нивното раѓање ќе ја влоши климатската ситуација на планетата. Игнорирајќи го карбон футпринтот на сите погодности што таа, претпоставуваме, ги има, вклучително и сите ресурси потрошени за книгата во која го напишала ова, таа „објаснува“ дека секоја нова гладна уста значи нов дополнителен тон јаглероден диоксид. Следствено, таа предупредува:
„Наскоро ќе немаме што да дишеме. Ледниците ќе се истопат и сите ќе пропаднеме. Престанете да раѓате!“.
Така, професорката апелира жените доброволно да се одречат од мајчинството, а како дополнителна причина ја наведува и „економската криза“.
Брауншвајгер има и друг проблем со мајките. Како што вели, кога новите мајки одат на породилно, останатите жени работат за нив. Тоа, вели, не е фер.
Но не застанува тука, инаку немаше да има цела книга. Брауншвајгер додава:
„Од децата нема никакво фајде. Тие никого не прават среќен. Родителите се зомби на две нозе. Уште Ниче говореше дека новородените се само нова прашинка која стигнува на овој свет“.
Реакциите во германската јавност се очекувани, а главно се од типот на: „Па добро, имала ли мајка ѝ памет кога ја раѓала?“ и „Одбивам моите деца да работат за пензијата на Брауншвајгер и неа сличните“.