Германскиот бруто-домашен производ (БДП) се намали за 0,3 проценти во 2023 година, според прелиминарните бројки на Федералниот завод за статистика, што укажува дека најголемата европска економија е во континуирана рецесија.
– Вкупниот економски развој заостануваше во Германија во 2023 година во средина која продолжува да биде обележана со повеќе кризи, рече денеска Рут Бренд, шефица на Заводот.
Германија забележа раст на БДП од 1,8 проценти во 2022 година, но значително забави во текот на минатата година.
Потрошувачката се намали во услови на постојана инфлација, додека извозниците во земјата забележаа слаба глобална побарувачка за извоз, вклучително и Кина, пренесе ДПА.
Според прелиминарните податоци, просечната стапка на инфлација за годината беше 5,9 отсто – што е втора највисока бројка од обединувањето на Германија во 1990 година. Највисоката бројка беше забележана во 2022 година, со стапка на инфлација од 6,9 проценти.
„И покрај неодамнешниот пад на цените, цените останаа високи во сите фази од економскиот процес и го потиснаа економскиот раст“, рече Бренд. Придонесоа и неповолните услови за финансирање поради зголемувањето на каматните стапки и послабата домашна и странска побарувачка.
Бројни економисти не очекуваат економско закрепнување во Германија ниту во текот на 2024 година. Многу економски истражувачи неодамна ги намалија своите прогнози.