Герасимовски: Преку анкета или референдум граѓаните ќе учествуваат за новите градби во Центар

„Изминатите осум години општината, и покрај мораториумот, работи на санирање на штетите од ВМРО-ДПМНЕ“, порача Горан Герасимовски, кандидатот за градоначалник на општина Центар од СДСМ и Коалицијата, во синоќешното учество во емисијата „Објектив“ на МРТ.

Тој истакна дека во минатото не биле почитувани законите при носење на ДУП-ови и ГУП-ови, поради што во општината настанал урбанистички хаос.

„Ние четири години скоро имаме Мораториум во општина Центар, а воедно и ги санираме оние штети кои ги има направено ВМРО-ДПМНЕ. Се носеле ДУП-ови и ГУП-ови, се пишувале сто-катници и не се почитувале целосно законите за градба. Овие четири односно осум години целосно се запазени сите законски процедури. Во изминатите четири години ние ги усогласувавме ДУП-овите со цел да ја санираме штетата која што беше направена во време на ВМРО-ДПМНЕ, односно да ја намалиме катноста и да заштитиме што повеќе зеленило во интерес на граѓаните“, рече Герасимовски.

Тој исто така најави и целосна отвореност на општината за граѓаните.

„За поголемите проекти општината ќе ги прашува граѓаните на референдум, а за помали проекти граѓаните ќе се прашуваат преку јавна анкета. Односно, нашата цел е граѓаните да бидат целосно во фокус за да се изјаснат за одредено прашање“, изјави Герасимовски.

Тој ги повика граѓаните да излезат на гласање и да го заокружат бројот 12 за, како што рече, да го запрат неконтролираното градење и преку ревидирање на ДУП-овите да го заштитат зеленилото.

- Реклама -