Герасимовски: Ќе иницирам итно расчистување на земјиштето кај „Треска“

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, инсистира што побрзо да почне отстранувањето на сите објекти во индустрискиот капацитет „Треска“. Во изјавата за медиумите дадена вчера, ден по пожарот во поранешната фабрика, Герасимовски сподели дека вчера првпат влегол во комплексот и сцените ги спореди со нуклеарната хаварија во Чернобил.

„Моја информација е дека во ‘Треска’ има 35.000 до 40.000 метри квадаратни азбестен кров. Во вчерашниот пожар беше зафатен и кровот, а и денеска сѐ уште паѓаат азбестните плочи. Искрено, јас после долго време вчера првпат влегов и тоа што го видов можеме да го споредиме со Чернобил. Значи многу шут, азбестни кровови, жителите споделуваа дека таму има и животни и глувци големи како мачки, затоа моја препорака е дека земјиштето побрзо треба да се расчисти“, рече Герасимовски.

Тој извести дека веќе разговарал со вработените во општината за да се испита какви материјали има на земјиштето и за тоа колку се тие штетни за граѓаните.

Како што информираше Герасимовски, до Општина Центар до вчера имало пристигнато 28 барања за отстранување на објекти, но за начинот при нивно отстранување, тој ќе побара и институционална помош.

„Самите сопственици ќе треба да ги отстранат објектите, но ќе направиме увид какви материјали има и колку се штетни, по што ќе дадеме насоки на кој начин тоа треба да се направи. Ние нема да дозволиме да има недозволено вадење на штетните материјали од ‘Треска’ “, увери градоначалникот на Центар.

Во однос на шпекулациите за причините за започнување на пожарот – дека е наводно подметнат, Герасимовски изјави дека не сака предвреме да коментира. Неговите сознанија, како што рече, се дека сѐ уште не е направен увид поради небезбедноста на теренот, но, истакна, информациите од жителите во локалитетот укажуваат на тоа дека секојдневно се краде железо и бакар од каблите, кои потоа се палат.

„Дали ова е вистина ќе покаже истрагата“, додаде градоначалникот.

По однос на актуелните теми за новите градби во „Треска“, Герасимовски порача дека како општина не можат да ги сопрат, но тие мора да бидат во согласност со јавниот интерес на граѓаните.

„Ние никогаш не рековме дека нема да се гради, туку мора да се најде подобар начин како да изгледа просторот. Имаме важечки ДУП по кој мора да се постапува, идејното решение не е идеално, но ние мора постапуваме по моменталниот ДУП и сето тоа не зависи од мене, туку од законите, регулативите кои мораме да ги почитуваме“, порача Герасимовски.

- Реклама -