Гејтс ги контролирал вработените преку регистерски таблички

Коосновачот на Мајкрософт, Бил Гејтс, откри дека на почетокот од својата кариера бил многу строг шеф кој ги контролирал своите вработени така што ги памтел броевите на нивните регистерски таблички и на тој начин знаел кој и кога доаѓа на работа.

BillGates(1)

Гостувајќи во радио емисија на BBC, Бил Гејтс говореше за тоа каков шеф бил во седумдесеттите години на минатиот век, во време кога неговата компанија уште била во развој и имала вработено „само неколку луѓе“.

Познатиот бизнисмен и филантроп бил многу „тежок работодавач“ на почетокот од својата кариера, познат како некој со кој тешко се преговара и бара многу од своите вработени, пренесува Дејли Мејл.

Милијардерот признава дека на почетокот во „Мајкрософт“ бил „фанатик“ кога е во прашање работата, што понекогаш, како што вели, било лошо за вработените.

„Ги знаев регистарските таблички на сите, така што можев да фрлам поглед на паркингот и да видам кога доаѓаат луѓето, а кога си одат. На крајот морав малку да се опуштам бидејќи компанијата порасна“, признава Гејтс.

Говорејќи за своето детство, 60 годишниот Американец призна дека бил проблематичен како тинејџер, поради што неговите родители често го носеле на психијатар.

Родителите, како што вели, го научиле да „му враќа на опшеството“, па така тој и неговата сопруга Мелинда денес издвојуваат од своето богатство за да им помогнат на сиромашните делови од светот.

Татко му бил успешен адвокат, а мајка му наставничка. Како дете обожавал да чита, особено биографии и размислувал да стане адвокат или научник за да може да решава „тешки проблеми“.

Во меѓувреме станал опседнат со компјутерите, па минувал по пет часа дневно учејќи програмирање поради што „бегал од теретана за да го унапреди своето знаење“.

Коосновачот на Мајкрософт, Пол Ален го запознал на училиште, а на 19 години ги напуштил студиите на Харвард за да ја покрене компанијата.

До 1979 година, кога Гејтс имал 23 години, нивната фирма веќе заработувала 2,5 милиони долари годишно.

- Реклама -