Гебрејесус: Недостатокот од глобално лидерство и солидарност е поголема закана од самиот вирус

Најголема закана по човештвото не е самиот вирус, туку недостатокот на глобално лидерство и заедништво во борбата против пандемијата – истакна директорот на Светската здравствена организација (СЗО) – Тедрос Адханом Гебрејесус, во обраќањето на World Government Summit во Дубаи, каде порача дека политизацијата на пандемијата ја влошила состојбата.

Тој не елаборираше на што конкретно мисли, но познато е дека СЗО беше критикувана од некои земји членки на организацијата, посебно од САД и претседателот Доналд Трамп, кои ја обвинија СЗО дека премногу слабо и бавно реагирала во одговорот на пандемијата, како и дека е премногу наклонета кон Кина. Од друга страна, дел од членките на организацијата побараа ревизија за почетоците и одговорот на пандемијата, предводени од Австралија, која бара СЗО да има повеќе ингеренции и моќ, што би ѝ овозможило побрзо да реагира на здравствени кризи.

„Светот има очајна потреба од национално единство и глобална солидарност. Политизацијата ја забрза пандемијата“, рече Гебрејесус на виртуелниот самит во Дубаи.

„ …Најголемата закана со која се соочуваме во моментов не е самиот вирус, тоа е недостатокот од глобална солидарност и глобално лидерство. Не можеме да ја поразиме пандемијата со поделен свет“, истакна тој, додавајќи дека дел од меѓународните здравствени регулативи треба да се зајакнат за да бидат „посоодветни за намената“.

Гебрејесус не образложи кои се тие регулативи, но потенцираше дека за нивна имплементација е потребно „координирано, предвидливо, транспарентно и широко-базирано и флексибилно финансирање“.

ВИРУСОТ ЗАБРЗАНО СЕ ШИРИ

Минатата недела, СЗО предупреди дека светот влегува во нова и опасна фаза од пандемијата на коронавирусот, која се карактеризира со измореност на луѓето од карантинските мерки, и покрај забрзаното ширење на вирусот. Денеска, СЗО алармираше дека вчера (21 јуни) е регистриран најголемиот број на новозаразени во 24 часа во светски рамки, од почетокот на пандемијата наваму. Најголем пораст има во Северна и Јужна Америка и делови од Азија. Имено, регистрирани се 183.020 нови случаи во светот, од кои повеќе од половина (116 илјади) се во Америка. Бразил имал најмногу 54.771 нови инфекции, а САД – 36.617. Трета била Индија – со повеќе од 15.400.

Според податоците од СЗО, Америка има најмногу смртни случаи – повеќе од 219,000. Во Европа починале над 193 илјади. Според податоците на универзитетот „Џон Хопкинс“, во светот од Ковид-19 се починати повеќе од 466 илјади, а заразени речиси 9 милиони луѓе.

Карантините воведени за да се спречи ширењето на вирусот предизвикаа сериозна економска штета, но пандемијата сѐ уште претставува голема закана и забрзува, истакна Гебрејесус во Дубаи.

„Беа потребни повеќе од три месеци за да биде достигнат првиот милион заразени, а последниот милион заразени е регистриран во само 8 дена“, рече тој, апелирајќи дека сите земји мораат универзалното здравство да го постават како приоритет, потенцирајќи дека светот на потешкиот начин научил дека силните здравствени системи се основа на глобалната здравствена безбедност, но и на социјалниот и економски развој.

„Знаеме дека пандемијата е многу повеќе од здравствена криза. Таа е економска криза, социјална криза, а во многу земји – и политичка криза. Нејзините ефекти ќе ги чувствуваме со децении“, рече директорот на СЗО.

- Реклама -