Провокативната кампања за привлекување туристи во која главниот град на Литванија – Вилнус, е претставен како Ге-точката на Европа, и официјално престанува да биде навредлива. Тоа е одлуката на надлежните регулаторни тела кои веќе една година се бават со спорната кампања откако истата беше обжалена како навредлива од страна на дел од граѓаните.
Спорната кампања се состои од фотографија на која девојка лежи врз чаршаф со мапа на Европа и така занесена во уживањето, цврсто ја зграпчува Литванија. На фотографијата стои натпис: „Никој не знае каде е, но кога ќе ја најдете – чувството е феноменално. Вилнус, Ге-точката на Европа“.
Иако надлежните тела признаа дека рекламата е сексуално сугестивна, пораката ја прогласија за и те како духовита, а со оглед дека кампањата му направи и голема промоција на градот, тие не беа расположени да ја прогласат за навредлива. Во одлуката се наведува дека рекламата „ниту ги деградира жените, ниту претставува сексуално искористување“.
Агенцијата за туризам на Вилнус, која ја покрена кампањата, објаснува дека целта било да се привлече внимание на градот кој ги има сите квалитети на останатите популарни европски градови, а неправедно често останува незабележан.