Во саботата беше десеттото издание на „Час на Земјата“ (прв пат е одбележан во 2007-та во Австралија). Па се замислив; при толку многу денови на ова или она и при толку многу денови во кои повеќедневно се слави Петко или Станко – на Земјата сме ѝ посветиле само еден час среде март.
Како и да гледаме – сите денови се на Земјата, и сите ноќи и сите изгреви, залези, месечини, ветрови, земјотреси, снегови и дождови… Животот и живите суштества се исто така нејзини, природата, морето, континентите, горите, реките! Сé!
Од гледна точка на Земјата, целиот овој временски период во кој човекот случајно (и не толку случајно) ѝ нанесува рани по телото, може да се сведе на еден час. Само еден минлив час од нејзиното постоење, пред, сега и после. Таа, Земјата, постоела, постои, и ќе постои уште многу милениуми откако последниот човек ќе прошета по нејзината кора.
Земјата е засолништето во кое не само што престојуваме, туку сме доволно дрски и да го валкаме, уништуваме, дупчиме, задушуваме и силуваме. Ќе му дојде нешто како дома да примиш сериски убиец за да го спасиш од дождот.
Ние не сме ни кираџии, а уште помалку – сопственици на Земјата, како што често си мислиме. Ние сме банда бездомнички разбојници, случајно сопнати во уреден дом, со изобилство на храна, вода и удобности и оставени на кратко без надзор – е тоа сме.
И наместо да се смириме, ние сме сé повеќе дрски, бесчувствителни, кусогледи и неподносливи. Како марокански скакулци, кои во неочекуван наплив на популацијата поминуваат и уништуваат сé по патот, сé додека… сé додека патот не заврши. И толку!
А Земјата си стои. Трпелива, голема, кротка ама непоколеблива, си лебди по својот бескраен пат околу себе сѝ, Сонцето, галактиката, вселената, така милостива и како бездушна.
И зарем едвај наоѓаме повод за возбуда и радост во чест на нејзиниот мир?!
Та мислам дека луѓето, а не Земјата, треба да размислуваат за своето постоење, својот опстанок и иднината во нашиот засега единствен дом. Зашто тој дом ќе го има и без нас, а неговата благосостојба не е тема за еден час, акција за еден час, исклучена светилка на еден час.
Тоа е прашање на политика, на економија, на култура, на вера, на вредности, на смирение и почит. На самосвест, па дури и на инстинктот за просто самоодржување и опстанок. Човечката историја нé учи дека тие што ќе се помислат за бесмртни и слични на боговите – први си одат.
А како и да гледаме – и метафорично, и религиозно, и метафизично, и биолошки, и лично, и општо – нашите денови на Земјата се одбројани. Нејзините, и да нема кој да ги брои – ќе си течат во бескрајот.
Или што би рекол Карлин: „Earth is fine. People are fucked“.