Гаши ги повика пратениците утре да гласаат по свое сопствено убедување за интерпелацијата

„На најдостоинствен начин ја работам својата работа. Најчесно и најодговорно. Утре пратениците ќе го кажат своето мислење, а јас сум подготвен на секаков одговор и секаква одлука што ќе ја донесе нашето Собрание да ја почитувам“, рече Гаши вечерва во интервју за Сител

Интерпелацијата која Левица ја поднесе за работата на спикерот Африм Гаши според него е одраз на демократијата и демократките процеси во една една држава. Тој вечерва во интервју за Сител, во пресрет на утрешната седница на која ќе се расправа за негова евентуална смена, оцени дека е „убаво да имаме различни мислења“ и ги повика пратениците, вклучително и оние од коалицијата „Вреди“ од која доаѓа и самиот, да гласаат и да одлучуваат по свое сопствено убедување и со чиста совест.

„Би било лошо да има едноумие и тој систем сме го поминале. Многу сум среќен што утре ќе имам шанса да одговорам пред јавноста за се што беше засегната и заинтересирана. Имам мирна и чиста совест дека со ништо не сум предизвикал хистерија во јавноста. Самата интерпелација не се однесува за нешто што е принципиелно прекршено во Собранието, или да е скратено правото на некој пратеник или пратеничка група, туку повеќе станува збор за тривијални теми кои добиваат на значење во социјалните медиуми. Но подготвен сум и за тоа да разговарам. На најдостоинствен начин ја работам својата работа. Најчесно и најодговорно. Утре пратениците ќе го кажат своето мислење, а јас сум подготвен на секаков одговор и секаква одлука што ќе ја донесе нашето Собрание да ја почитувам“,

рече Гаши и ѝ се заблагодари на Левица „за дадената можност да ги изнесам своите аргументи позади кои стојам и денес“.

Пратениците на СДСМ и коалицијата денеска донесоа одлука да ја поддржат утрешната интерпелација за работата на претседателот на Собранието.

Според СДСМ, досега одговорност немало од никого, а како пример го посочуваат токму Гаши.

„Имаше скандалозен инцидент на аеродромот во Скопје  во кој меѓу другото обезбедувањето на Гаши нападна полицаец, се закануваше со пиштол и ги прекрши правилата и законите. Во својот извештај, Министерството за внатрешни работи констатираше дека обезбедувањето било незаконски испратено на аеродромот, со што одговорноста директно ја насочи токму кон Гаши кој ја дал наредбата на обезбедувањето“,

соопштија денеска од СДСМ.

За утрешната интерпелација за собранискиот спикер Гаши, денеска на новинарски прашања одговараше и премиерот Христијан Мицкоски кој рече дека тие, како ВМРО-ДПМНЕ и како пратеничка група на коалицијата „Твоја Македонија“, нема да го поддржат овој предлог кој го оцени како „незрело, би рекол глупаво однесување на коалицијата СДСМ, ДУИ и Левица.

Интерпелацијата за претседателот на Собранието Африм Гаши која ја поднесоа пратениците на Левица, е ставена на дневен ред на 13. пленарна седница закажана за утре. 

Интерпелацијата е заснована на седум точки, образложени на десет страници. Во барањето за интерпелација се наведува дека спикерот Гаши уште од почетокот на неговото назначување работи своеволно, нестручно, несовесно и непрофесионално и згора на сѐ противзаконски неуставно и неделовнички. 

Пленарната седница за интерпелацијата на Гаши закажана за 3 септември

- Реклама -