Гајсер: Промената на името беше лудост; Потребна е преодна влада во која ќе го нема Заев

Иако беше оправдано да се очекува дека соработникот на „Ла Верита“ – Ларис Гајсер, во гостувањето на словенечкото Радио Копер (на италијански – Радио Каподистрија) ќе објави нови детали или можеби нови снимки околу случајот „Рекет“, подеднакво оправдано беше да се очекува и она што реално се случи – во полчасовниот разговор Гајсер не изнесе практично ништо ново, туку ги изнесе своите видувања за ситуацијата во земјава и конкретно импактот од аферата. Сепак, не може да се зборува за несериозност на Гајсер, бидејќи тој и воопшто не најави нови „бомби“, како што објавија добар дел од македонските медиуми. Тој единствено го најави своето гостување во емисијата „Среде фактите“, а останатото беше „зачин“ кој го додадоа оние што посегнаа по сензационализам или погрешно го протолкуваа постот со најавата:

Меѓу она што Гајсер не го откри, се и неговите соработници од земјава од кои веројатно ги добил снимките. Додуша, Гајсер признава дека познава луѓе кои во минатото биле блиски до Груевски, но негираше дека лично го познава Груевски, ниту пак унгарскиот премиер Виктор Орбан, а ни италијанскиот министер за внатрешни – Матео Салвини.

Гајсер ги оцени за небулози шпекулациите дека е нечија продолжена рака или дека има за цел да создаде сценарио за спречување на евроатлантскиот пат на Македонија или пак за уривање на Владата на Заев. Целта, вели, било да се разоткрие системската (и политичка, и судска) корупција, а разговорите ги објавил во страв дека можат да исчезнат како докази.

„Не вреди да коментирам такво нешто. Си ја работам работата како коментатор на настаните и верувам во она што го работам“, вели тој.

Сепак, според него, проблемот е токму во премиерот Зоран Заев, кому му предвиде крај на премиерската кариера токму поради случајот „Рекет“. Како што смета Гајсер, Заев се претворил во товар на државата и не може да ја претставува бидејќи веќе нема меѓународен кредибилитет. „Тој сигурно не е решение“, вели новинарот.

Според него, прашање на време е кога Собранието и Претседателот ќе сфатат дека ќе биде подобро Заев да биде разрешен. Еден можен исход, смета, е владина криза со избори, иако Пендаровски вчера порача дека смета дека е нужно претходно да има попис. Другиот можен исход, што Гајсер го сугерира и како можен излез, е да има преодна Ад интерим Влада, со услов да биде сменет само Заев. Утрово, пак, италијанскиот весник „Ла Верита“ објави негова анализа, во која Гајсер заклучува дека претседателот Пендаровски се понудил за спасител на татковината кога режимот на Заев дефинитивно ќе падне.

Гајсер ја коментираше и промената на името на државата. Одрекувањето од државното име го нарече „лудост“:

„Зарем некој мисли дека Грција навистина ќе гласа за Македонија во Унијата? Јас не верувам во тоа. Оваа опција е невозможна, по мое мислење во наредните 5-10 години. Унијата со последното затворање за проширување, создаде многу проблеми и доведе до кобни грешки, а Македонија практично не успеа да најде решение“.

- Реклама -