Иако новинарот Ларис Гајсер, кој ги објави снимките во италијанскиот „Ла Верита“, ветуваше „вистински земјотрес“ и вознемирувачки детали за комплетирање на приказната „Рекет“, од таквите досега не видовме, ниту чувме, ништо опипливо.
Иако оттогаш поминаа 10-тина дена, во интервју за хрватскиот магазин „Национал“ Гајсер повторно уверува дека има уште докази и сведоци против премиерот Зоран Заев. Причината што не ги објавил, пренесува „Експрес.мк“, е што не го добил очекуваното зелено светло од сведоците, кое, како што рече претходно, ќе значело дека тие се на безбедно.
„Уште минатата седмица требаше нивните сведоштва и да ги објавам, но тие се откажаа во последен миг, бидејќи се плашат за својата безбедност. Жал ми е што засега се откажаа, но истовремено и ги разбирам, бидејќи ситуацијата не е ни малку едноставна“, вели тој.
Во меѓувреме, во интервју за словенечкиот „Домовина“, Гајсер откри дека видео и аудио снимките ги добил од „доверлив извор во Македонија“, и тоа од „загрижени службеници во македонската администрација“. Во истото интервју, Гајсер го нарече Заев „проект на Федерика Могерини“. Повеќе читајте ТУКА.
Обвинителката Вилма Русковска, пак, денес го демантираше „Инфомакс“ околу објавените информации дека Заев се спомнувал во сведочењето на Камчев како вмешан во случајот „Рекет“. Таа рече дека во сведочењето не се споменува ниту еден политичар, а Заев се спомнува само еднаш, во делот кога Камчев раскажува дека кај него прво го пријавил рекетот. За потсетување, „Инфомакс“ објави фотографија само од првата страна на записникот, а за вмешаноста на Заев новинарот се повикуваше на наводни цитати од записникот, без да понуди реална поткрепа. Русковска ја потврди автентичноста на фотографираната страница од записникот, но со денешната изјава го отфрли сето останато наведено во статијата.